ГУП-от е личната карта на Скопје, ама му е истечена и не се знае кога ќе му биде сменета

Во 2000-те започнуваат „златните години“ на урбаната мафија. Гради кој ќе стигне, каде ќе посака. Се нарачуваат детални урбанистички планови, се „штима“ инструментот наречен Генерален урбанистички план. Градот расте неконтролирано, неквалитетно и нерамномерно. 

Кога организацијата „Културно ехо“ го реализираше мултимедијалниот проект „Создаваме град, градиме иднина!“, овие зборови беа вклучени во нивниот документарен филм со исто име. Идејата беше да се прикаже дека Скопје долго се прави по мерка на градежни моќници во спрега со слаби и нефункционални институции, па активистите рекоа „доста е“, време е граѓаните да го земат градот во свои раце. Време е будно да учествуваат во негово планирање.

***

„Културно ехо“ во фокус го има Генералниот урбанистички план (ГУП) за Скопје, кој велат дека е личната карта на градот, но, сепак, таа е веќе со поминат рок. Стариот ГУП 2012-2022 формално истече, а новиот, според кој треба да се планира просторот во Скопје во наредната деценија (2022-2032), се’ уште не е изготвен и не се знае уште колку време ќе помине за да стапи на сила. Дотогаш, планирањето и деталните урбанистички планови што ги носат општините, се усогласува по стариот, донесен уште во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски.

„Без лична карта тешко се живее. ГУП-от е најважен урбанистички документ што еден град го носи. Тој документ уредува која намена ќе има одреден простор, земјиште, објект, за што би можел да се користи, дали може да има градење, на кои места, каде да се задржи зеленило, каде ќе поминуваат сообраќајници… Буквално го уредува крвотокот и животот во градот. Во моментов имаме еден ‘лимбо’ период од година, година ипол, каде се носат ДУП-ови врз основа на стариот ГУП. Тој е една од причините зашто се’ уште гледаме незадоволни граѓани, како тие во Влае или Лисиче“, нагласува Симона Димковска од „Културно Ехо“.

Од протестите во Лисиче, фото: Радио МОФ

Градоначалничката Данела Арсовска изминатиов период во јавноста поретко зборува до каде е процесот овој важен документ, па се’ се сведува на претпоставки, очекувања и проекции без точна временска рамка. Не добивме одговори ниту на нашите последни прашања на официјалните мејлови на Град Скопје.

Според активистката и советничка на Зелен Хуман Град, Драгана Велковска, доцнењето на ГУП-от значи ширум отворена врата за лоши детални урбанистички планови кои не се во склад со фактичката состојба во градот на даден потег, бидејќи токму се водат по стариот формално истечен ГУП.

„Следствено, се водат според план кој е неточен во податоците за жителите, кој исто така нема добри одредби за зеленилото, за јавниот превоз, за велосипедскиот превоз, за јавните содржини, кој навлегува во Водно, кој овозможи лоши планови за Пржино, за ‘плацевите на Водно’ итн“, посочува таа.

Невена Георгиевска, еко-активистка од „02 Иницијатива“ и советничка на Независни за Карпош, дополнува дека во изминативе 10 години се направија толку измени, а во меѓувреме го имавме и пописот, така да целото планирање треба да се обнови.

„Да се види колку ресурси се потрошени, колку со овие неплански изградби се оштети градот. Сите параметри по кои ДУП-ите се планираат – треба да бидат други, а не оние што се спремаат, доаѓаат на гласање и се однесуваат на ДУП стар скоро 14 години“, посочува таа.в

Скопје со години има проблем со ГУП-ови 

Заради континуитет во урбанистичкото планирање, еден план важи сѐ до усвојувањето на нов план за истиот потег без оглед на фактот што формално му истекла важноста. Планскиот период од 10 години е насока, да се обновуваат планските документи на одреден период поради промена на општествените околности, природните карактеристики, (не)реализацијата на претходниот план, нови вредности и сл.

„Но, да нема план е исто лошо, зашто се отвора простор за диво градење или стагнација. Генерални планови некаде се носат и на подолг период, на 20 години, особено ако се земе предвид дека самата изработка трае неколку години. Но еднакво клучно со навременото планирање е и доследното спроведување на плановите и ригорозното неселективно казнување за секакви отстапки со кои се нарушува планот“, вели Велковска.

Таа потсетува дека Скопје нема богата историја на генерални урбанистички планови. По постземјотресниот план (Основен урбанистички план – ОУП од 1965 година), донесени се само уште три генерални урбанистички плана, ОУП од 1985, ГУП од 2002 и ГУП од 2012 година, иако се работи за временски период од близу 60 години.

„Освен планот од 1965 година, добиен како резултат на висока странска и домашна експертиза, последователните планови се со послаб квалитет. Ова особено важи за плановите од 2002 и 2012 година кои не само што не се изработени темелно и стручно, туку имаат несоодветни влезни информации што го оневозможуваат доброто планирање. Како резултат на овие два ГУП-а добиени се многу штетни ДУП-ови низ скопските општини“, потенцира Велковска.

Линиските центри му прават штети на градот и на хуманото живеење

ГУП 2012 прави обид за некакво структурирање на работите. Но се прави упад со т.н. линиски центри. Односно, во самиот ГУП е исцртана „мала врата“ низ која може да се протнат урбанистички апетити и да направат огромни и непоправливи штети.

„Иако во ГУП-от се пропишани точни параметри за секоја четврт – број на жители, густина на население, инфраструктурни потреби и слично, со воведувањето на апсурдниот член 37 во планските одредби на актуелниот ГУП е допуштено параметрите да не важат во линиските центри. Овој наменски подметнат член е очигледен упад во ГУП-от и требаше да биде суспендиран од важност зашто благодарение на овој член ги имаме Настел, кулите кои се спремаат кај Кино Влае, кулите во зеленилото во Лисиче итн“, посочува Велковска.

Член 37
Долж примарната сообраќајна мрежа во планската документација од пониско ниво, се дозволува по целата должина на сообраќајниците да се планираат линиски центри со намена А, односно Б, односно В, или големини кои со своите параметри не влегуваат во нумеричките показатели на четвртта на која ѝ припаѓаат. Линиските центри треба да претставуваат логична целина со длабочина во четвртта до 25m од обете страни на сообраќајниот коридор со можни тремови кои можат да излегуваат и надвор од регулациските линии коишто ја дефинираат сообраќајницата, но не преку линијата на пешачкиот дел од сообраќајниот профил.

Како линиски центри, блокови долж булевари чии параметри не влегуваат во четвртите во кои припаѓаат, еко-активистката Георгиевска освен „Настел“ во Карпош, ја споменува и зградата кај Мајчин Дом во Аеродром.

Парцелата во Аеродром каде никна зградата на „ЗСФ-КОМ“ на Фатмир Етеми, фото: Радио МОФ

„ДУП-ови сега што ни доаѓаат на гласање и разгледување – се ДУП-ови што вклучуваат такви линиски центри. На пример, во Карпош имаме линиски центри на булевар ‘Илинден’, исцртани според ГУП од 2012 година. Тие се нереализирани, меѓутоа си се вклучуваат во деталните планови“, потенцира Георгиевска.

Затоа како нејзин став, но и на „02 Иницијатива“, е потребата од граѓански притисок за измените во ГУП-от, бидејќи претходниот ги содржи токму линиските центри.

„Ние баравме овие линиски центри да се тргнат од текстуалниот дел на ГУП-от, меѓутоа, не наидовме на слух. Тоа би значело само, додека не се донесе новиот ГУП, тековниот да биде без овој додаток во текстуалниот дел. Значи, не беше некоја голема промена во однос на целиот ГУП. Сега, како граѓани не можеме да се вклучиме да видиме кои се промените и на што се однесуваат, а имаме огромни забелешки во однос на последиците што ги носат, кои се надвор од нормалното и хумано живеење“, забележува Георгиевска.

Уште се чека на Партиципативното тело

За да се обезбеди инклузивност и јавност во процесот, Законот за урбанистичко планирање бара задолжително формирање Партиципативно тело. Единицата на локална самоуправа објавува јавен повик кој трае 30 дена, при што се охрабруваат да аплицираат граѓани со познавања од урбанистичко планирање, но и активистички групи и индивидуални граѓани кои се борат за унапредување на квалитетот на живот низ призмата на урбанистичкото планирање.

Сепак, Партиципативното тело е далеку од завршена работа, иако тековнава година поминаа неколку повици, a Деловникот за негова работа го усвои Советот на Град Скопје на седница уште во јуни 2022.

„Го пуштија повикот, па пак го повлекоа, па го пуштија, па повлекоа… Ние три пати од Културно ехо се пријавувавме со наш член, но сега немаме никакво известување дали ќе се формира. А, тоа тело дефинитивно треба да биде гласот на граѓаните. Сите аномалии кои ги има во претходниот ГУП и во моменталниот тек и живот на Скопје – да се алармираат преку телото“, вели Симона Димковска од „Културно ехо“. 

 

Според информациите со кои располага Зелен Хуман Град, причините за поништувањата се недоволниот број пријавени.

„За последниот јавен повик кој заврши во јуни годинава Градот Скопје побара од Комисијата за верификација да го поништи, меѓутоа, според информации од Комисијата – не биле соодветно образложени причините за ваквото барање од Градот, па тој повик не е формално поништен и тие се последните податоци со кои располагаме на темата. Во мај годинава ЗХГ постави и советничко прашање до каде е процесот, но на тоа сѐ уште немаме одговор од Градот иако се изминати скоро два месеца што претставува грубо прекршување на Деловникот според кој одговорите мора да ги добиваме најдоцна за 10 дена од денот на поставувањето на прашањето“, истакнува Велковска од Зелен Хуман Град.

Што е со Агенцијата за планирање на просторот?

Генералниот урбанистички план на Град Скопје се изработува согласно договорените обврски меѓу Град Скопје и Агенцијата за планирање на просторот. Додека од Градот моментално има молк на нашите прашања, од Агенцијата уверуваат дека првата фаза, насловена како Документациона основа на ГУП на Град Скопје, веќе е изработена и доставена до градскиот Сектор за уредување на просторот.

„Согласно процесот на изработка и фазите со кои се изработува и донесува овој стратешки документ за градот, можеме да посочиме дека Агенцијата за планирање на просторот во моментов работи на Планската Документација, која како составен дел на планот,  ќе овозможи комплетирање на Нацрт Планското решение (Нацрт План) на Генералниот урбанистички план на Град Скопје. По неговата изработка, тој ќе биде предаден до Град Скопје  и институциите на увид, по што ќе следи процес на јавна и стручна расправа и ревизија. Одобрувањето на ГУП на Град Скопје следи по завршување на сите фази пропишани“, ни одговорија од Агенцијата, без да дадат точна временска рамка.

Исто така, напоменуваат, покрај Агенцијата која е изработувач на ГУП-от и Град Скопје како негов носител и спроведувач, свој придонес и учество даваат општините во Град Скопје, Архитектонскиот факултет при УКИМ, јавните претпријатија, како и органите на државната власт – министерства, дирекции, агенции, управи итн.

„Сите овие институции се инволвирани во процесот на изработка во рамки на нивните ингеренции. До сега не изостанала соработката со ниедна надлежна институција“, тврдат од Агенцијата.

Општини имаат проблеми бидејќи процесот е закочен

За Кисела Вода нема сомнеж дека доцнењето на ГУП-от има сериозни последници за секоја од скопските општини, од што не е исклучена ниту Кисела Вода, бидејќи тоа ги ограничува можностите за развој на општината и има негативно влијание врз локалното население.

„Без имплементирање на нов, важечки ГУП, општините не можат да ги применуваат стратегиите предвидени со развојната програма, што пак значи чекор назад во уредувањето и планирањето на просторот, вклучувајќи ги и стратегиите за инфраструктурата, животната средина, транспортот, во една поширока рамка гледано, го уназадува квалитетот на живеењето“, потенцираат од Кисела Вода.

Општинарите споменуваат проекти од предизворната програма на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кои ги карактеризираат како „сериозни стратешки чекори кои урбанистичкото планирање го носат на едно друго ниво, сосема различно од претходно“.

„Тука говориме за проекти кои се навистина значајни како што се ограничување на број на станбени едници при градењето на куќи со цел да се спречи изигрување на законот и градење на згради на име А1, на проект за подземно пробивање на јужен булевар, на меѓународен конкурс за избор за идејно решение за ДУП за Расадник и слично, кои овозможуваат развој не само на општина Кисела Вода, туку трасираат нови патеки и за останатитите единици за локална самоуправа. Нетранспарентната работа на Град Скопје е причина поради која нашата општина нема никаква информација до каде е процесот“, посочуваат од скопската општина, додавајќи дека до овој момент од градот не се консултирани ниту за развојните програми, стратегии и цели.

Општина Центар не се осврнува на доцнењето, туку на проблеми со важечкиот ГУП. Односно, се соочуваат со неусогласеност на намени на земјиштето во однос на претходно донесените урбанистички планови, неусогласенот на улични профили што имаат влијание на градежни парцели кои ги тангираат, но и неусогласеност на нумерички параметри.

Воедно, споменуваат и децениско нереализирање на планирани траси на примарни сообраќајници кои минуваат низ изградени градски ткива, што во одредени ситуации неприродно делат постојни маала.

„Во процесот на изработка на Генералниот урбанистички план, Општина Центар достави допис до изработувачот кој ги содржи информациите за горенаведените неусогласувања. Донесувањето на нов ГУП во кој би биле испочитувани наведените барања, би овозможиле преработка на деталните урбанистички планови и нивно полесно спроведување“, ни одговорија од Центар.

Од останатите осум општини досега нема одѕив на нашите прашања по официјална мејл-комуникација.

ГУП-от вклучува и други пропратни документи за да се комплетира процесот

Ако се погледнат јавните набавки, во последниот мандат Град Скопје склучил договори со четири субјекти за различни документи, сите поврзани со Генералниот план. Последните три договори се направени во последнава пола година.

Извор: Јавни набавки, www.e-nabavki.gov.mk

Од овие четири субјекти, досега успеавме да исконтактираме со два.

Фирмата Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ посочува дека Стратегиската оцена на животната средина (СОЖС) во согласност со Законот за животната средина, се изработува напоредно со изработка на ГУП-от. Овие два процеси, велат од таму, ќе овозможат соодветно вградување на целите за заштитата на животната средина и мерките за намалување на влијанијата во рамките на Планот.

Процесот на изработка на СОЖС е поделен во шест фази. Тука влегува анализа на планска документација, на постојаната состојба и правната рамка, потоа средби со засегнати страни, па се’ до изработка на Нацрт-извештај за СОЖС, за на крајот да дојдат фази на јавна расправа и вградување на забелешки.

„Во моментов тимот на експерти од Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ Скопје предводен од Мартина Блинкова Дончевска експерт за СОЖС, работи на првите две фази, голем дел од секторските студии се обезбедени од Нарачателот и се анализираат. Доколку ги добиеме сите потребни документи поврзани со ГУП-от вклучувајќи и нацрт верзија на ГУП (предлог ГУП), според наши проценки до крајот на оваа година би требало да се реализираат сите останати фази од изработка на СОЖС“, ни одговорија од Г-КОНСАЛТ ДООЕЛ.

Другата фирма е ДЕКОНС-ЕМА“ ДООЕЛ. Тие изработуваат Стратегија за развој на зеленило во Град Скопје. Потврдуваат, во моментов течат активности за подготовка на овој важен стратешки документ за Градот, во согласност со Законот за урбано зеленило. Рокот е 12 месеци, а процесот е во тек. Ангажиран е експертски тим, но се прави и во соработка со надлежните сектори во Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило.

„Подготовката на овој документ не е директно поврзан со изработката на ГУП за Град Скопје (и не произлегува од него), но мора да биде комплементарен со него, заради идните проспекции за развој и одржување на зеленилото во Градот. За жал изработката на ГУП-от е уште во рана фаза (документациона основа) и не можеме со тимот, кој работи на тој документ, да ги споделиме информациите, но секако Стратегијата за зеленило со акциониот план ќе им биде на располагање на изготвувачите на ГУП за Град Скопје заради усогласување на идните перспективи за развој на зелените простори во Градот“, истакнува Менка Спировска, претставничка на ДЕКОНС-ЕМА“ ДООЕЛ.

Се’ на се’ – ни треба одржлив град!  

Според архитектката Дивна Пенчиќ, воедно и советничка на Шанса за Центар, на граѓаните им треба јасна претстава кон што целиме кога креираме иден развој на градот, за кого е тој град, каков квалитет на живот ќе донесе.

„Денес се актуелни визиите за: одржлив град, зелен град, здрав град, паметен град, отпорен град и сл. Секоја од нив како основа има некоја очекувана состојба и исполнување на специфични критериуми. Но, сите во себе го потенцираат очекувањето за зголемен квалитет на живот. Веќе не се очекува интензивна градба и раст на градот, туку напротив, стабилизирање и зголемување на квалитетот на живот, лесна достапност до сите потребни содржини и поврзување на градот со природата“, нагласува архитектката.

За ова да се постигне, посочува таа, се интензивира поинакво пристапување кон планирањето на развојот на градовите и тоа повеќе како стратешко отколку чисто техничко.

„За градовите се креираат развојни стратегии, земајќи ги предвид економските, социјалните и еколошките аспекти. Лидери во креирање на визиите и стратегиите за развој на градовите ги преземаат нов тип на градоначалници, граѓански и домаќински ориентирани, еколошки освестени, со менаџерски способности и отворени и достапни кон и на заедницата. Моментално се во изработка Генерални урбанистички планови за неколку градови во Македонија (Скопје, Битола, Тетово, Кратово, Куманово…) и на сите има требаат градоначалници кои го познаваат градот, ја познаваат својата заедница и нивните потреби и желби и се способни да го водат градот кон развој ориентиран кон подобар квалитет на живот“, контатира Пенчиќ.

Бојан Шашевски 

*Дополнување:

Ден по објавување на текстот, одговор стигна од 24 ИНГ, фирмата која на 6 февруари 2023 со Град Скопје има склучено договор за „Ажурирање на транспотренв модел на Град Скопје, прогноза на транспотрна побарувачка и тестирање на сценарија за развој на стратешка сообраќајна инфраструктурна мрежа за ГУП на развој на сообраќајната инфраструктурна мрежа за ГУП на Град Скопје 2022-2023 и идејни сообраќајни проекти за дел од новопланираната примарна улична мрежа во Град Скопје“.

Од 25 ИНГ велат изработката на проектот се одвива во неколку фази на работа согласно динамиката утврдена во проектната задача и договорната документација, а крајниот рок за комплетно завршување е март 2026 година.

Исто така, на 26 јули, ден по објавување на темата, стигна став и од Општина Карпош. Општинарите посочуваат дека носењето на ГУП-ое е обврска и надлежност на Град Скопје. Односно, додека не се донесе нов ГУП, при изработка на деталните планови, Карпош се води согласно насоките од актуелниот генерален план. 

***

Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.