Романот „Сликата на Доријан Греј“ од англискиот писател Оскар Вајлд претставува возбудлива приказна за човек кој си ја продава душата во замена за вечната младост.
Прифаќајќи еден нов вид хедонизам кој на прво место ја става телесната убавина, Доријан Греј посакува да остане вечно млад. Желбата му се исполнува, но го вовлекува во серија развратни постапки.
Неговиот портрет, иако скриен од сопствените и од очите на светот, станува потсетник на ефектите што ги има секое извршено дело врз неговата душа. Секој сторен грев го нагрдува некогаш насликаното младо и убаво лице, го закитува со нова сурова црта на усните, со нова брчка на челото.
Меѓутоа, доаѓа ден кога се појавува црвот на сомнението, потребата за соочување со себе. Доријан Греј ќе собере храброст да се извлече од канџите на себезалажувањето и да ја фрли маската. Но кога ќе погледне во својата соголена душа – гледа само грдотија што го ужаснува.
Оскар Вајлд е англиски книжевник и естет, талентиран говорник, теоретичар на ларпурартизмот. Стекнал голема популарност со својата остроумност уште додека бил студент на Универзитетот во Оксфорд. Ги објавил брилијантните критики „Распадот на лажењето“ и „Критичарот како уметник“, поемата „Балада за затворот“, есејот „Профундис“, драмите „Саломе“, „Жена без значење“, „Идеален маж“, „Ладалото на леди Виндермир“, „Важноста да се биде сериозен“. „Сликата на Доријан Греј“ е единствениот роман на Оскар Вајлд. Во него тој отворено и критички се искажал против лицемерието и буржоаскиот неморал, со што предизвикал остри критики и си навлекол голем број непријатели.