Климатската акција треба да биде главен приоритет за сите држави ширум светот и покрај новите регионални конфликти, изјави генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Загрижувачки е тоа што војната во Украина одзеде големо внимание од климатските активности. Мораме да направиме се што можеме за да го вратиме прашањето за климата како најважно прашање во нашата заедничка агенда“, рече тој.
Генералниот секретар на ОН истакна дека е особено загрижен поради растечката нееднаквост помеѓу северот и југот.
„Нееднаквостите продолжуваат да растат во земјите, нон сега тие растат на морално неприфатлив начин помеѓу северот и југот, што создава поделба која може да биде многу опасна од гледна точка на мирот и безбедноста“, рече Гутереш.
Коментирајќи ги плановите на некои членки на Европската Унија за зголемување на употребата на јаглен по санкциите против енергетските ресурси на Русија, генералниот секретар на ОН рече дека се надева оти европските земји ќе ги одржат своите ветувања против загадувањето на долг рок.
„Јагленот е непријател број еден на климатските активности. Се надевам дека периодите во кои некои земји ќе согоруваат повеќе јаглен ќе бидат многу кратки“, рече Гутереш.