На 38 степени, голем број граѓани денеска попладне чекаа ред за вакцинација во пунктот во поликлиника „Јане Сандански“ во Аеродром. Видно нервозни, без држење дистанца, тие се туркаа во редот во обид побрзо да влезат внатре и да завршат со вакцинацијата.
Дел од нив, и покрај тоа што имале закажан термин, тврдат дека за влез чекаат повеќе од два часа. Други пак велат дека стигнале уште од 10 часот утрото во обид да извадат сертификат за вакцинација, и до 14 часот не успеале да стигнат на ред.
Околу пунктот е забележливо присуството на полициски службеници. Дел од нив ги смируваа граѓаните објаснувајќи им дека се случило поклопување на термини бидејќи во пунктот се ревакцинирале и граѓани кои првично имале термин за во салата „Борис Трајковски“, која беше затворена за вакцинирање пред една недела.
Големи гужви денеска имало и на пунктот во поликлиниката „Букурешт“, велат граѓани кои утрово таму се упатија по вакцина.
Поради зголемениот интерес за вакцинација од Министерството за здравство најавија дека утре отвораат дополнителни четири пункта за имунизација против Ковид 19 во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров. Во две смени ќе работат пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит Пазар. Во прва смена ќе работат Шуто Оризари, Драчево и Ченто.
Од Министерството појаснуваат дека на располагање се околу 400.000 дози вакцони од кои половината се прва доза. За прва доза има 80.000 Синовак, 50.000 Aстра Зенека и 70.000 Фајзер. Додаваат и дека секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 на Фајзер, а оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината.
Интересот за вакцинација се зголеми по најавите дека од 16 август, граѓаните ќе мора да имаат примено барем една доза вакцина ако сакаат да посетуваат настани со над 30 лица, или одат во кафуле или ресторан.
Од 16 август за влез во објекти со над 30 луѓе ќе се бара потврда за вакцина со најмалку една доза
Е.П./Ј.Ј.