Голем број македонски граѓани утрово се упатија кон Ниш, во обид да ја добијат вакцината против Ковид 19. Сепак, поради ограничениот број вакцини, денеска ќе бидат вакцинирани само оние кои добиле термин преку српскиот систем за вакцинирање, како и тие што се пријавиле преку српската стопанска комора.
„Има ред од 300 метри. Нас нѐ вратија, тие што немаме закажано. Не знаат ни дали ќе им стигнат дози за пријавените“, вели за Радио МОФ, 24-годишниот Петар М., кој утрово тргна по вакцини во Ниш.
Александар Миличевиќ, директор на регионалната стопанска комора во Ниш за медиумите пак изјави дека денеска очекувале околу 1500 лица, но пристигнале многу македонски државјани кои воопшто не биле пријавени за вакцинација. Тој додава дека се обиделе да излезат на сите во пресрет, но за викендов се обезбедени околу 3000 дози.
„Денес не може да се добие вакцина за секој оној кој не е регистриран прво преку Стопанската комора на Србија, преку разни организации..тука не се само граѓаните на Северна Македонија, има и од Бугарија, има од од нашата јужна покраина. И секако граѓани странци кои се пријавени преку нашата Е-управа да примат вакцина во Ниш. Значи оние кои се пријавени во Белград, ќе мора вакцина да бараат во Белград“, изјави Миличевиќ.
Вакцинирањето во Ниш е со вакцините АстраЗенека, и е бесплатно, а е организирано во соработка на стопанските комори за нивни членови. Сепак, во текот на вчерашниот ден, вакцини им се даваат и на останатите македонски грагани кои решија да си ја пробаат среќата за вакцинирање.
Со истите вакцини и денеска продолжува вакцинирањето во Белград. Сепак, поради големиот притисок за вакцинирање, српските власти најавија и во Белград да дојдат само оние лица кои не се српски државјани, ама имаат добиено термин преку српскиот онлајн систем за вакцинирање.
Во меѓувреме, додека македонските државјани итаат кон Србија по вакцини, утрово на скопскиот аеродром, конечно пристгна првата серија од 24.000 дози вакцини АстраЗенека. Тие ќе се користат за имунизација на хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група.
Планот на македонските здравените власти е масовната вакцинација да започне во среда во здравствените домови. Во текот на април пак се очекува да стигнат преостанатите 76 илјади „АстраЗенека“ преку КОВАКС механизмот“.
Македонија е една од државите со најмал процент на вакцинирани лица во Европа, поради немањето вакцини, заедно со Босна и Херцеговина и Косово. Србија пак е лидер во оваа област.