Конгресот на Гватемала ги зголеми затворските казни за жените кои абортирале, со што го смени неодамнешниот тренд во Латинска Америка за проширување на пристапот на жените до абортус, пренесува „Данас“.
Жените од Гватемала кои ќе бидат осудени за прекин на бременоста сега може да се соочат со казна затвор до 10 години, што претходно беше 3 години. Конгресот исто така воведе уште построги казни за лекарите и другите лица кои им помагаат на жените да ја прекинат својата бременост.
Абортусите се легални само кога животот на мајката е во опасност.
Доцна во вторникот, на Меѓународниот ден на жената, Конгресот на Гватемала го донесе законот за „заштита на животот и семејството“ кој исто така е насочен и кон ЛГБТК заедницата.
Вчера, кога беше прогласен „ден на животот и семејството“, претседателот Алехандро Џаматеи во говорот во Националната плата рече дека „овој настан е повик да се обединиме како Гватемалци за да го заштитиме животот од зачнување до природна смрт“.
Пратениците кои го поддржуваат законот рекоа дека тој е потребен бидејќи „малцинските групи во општеството предлагаат начини на размислување и пракси кои не се во согласност со христијанскиот морал“.
Пратеничката Висента Херонимо пак, која гласаше против законот, рече дека тој ги крши човековите права, особено за жените во руралните области каде што нема државна здравствена инфраструктура.
Законот беше усвоен со 101 глас „за“ и 8 „против“.