Хакиран сајтот на МОН, страницата наводно ја презеле грчки хакери

Интернет страницата на Министерството за образование и наука (МОН) од синоќа е мета на хакерски напад. Во моментов сајтот е недостапен, а при пребарување на Гугл може да се забележи дека во информациите за сајтот пишува дека е хакиран од грчкиот хакерски тим „Netwatchers“.

Мета.мк објави и скриншот од изгледот на сајтот на кој хакерите ги промениле содржините и сликите на насловната страница. Поради нападот не можело да се отвори ниту една потстраница на страницата на МОН, додека сите објавени линкови воделе кон Јутјуб видео со наслов „Популарна Македонија“ (Famous Macedonia).

Скриншот од сајтот на МОН / Фото: Мета.мк

Ова не е првпат сајтот на МОН да се соочува со технички проблеми. Во август не беше во функција вебсајтот на Министерството, додека истовремено под хакерски напад беше системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Речиси постојано кога се објавуваат информации за студентски стипендии, или пак резултати од конкурсот за места во студентските домови, сајтот паѓа, најчесто поради големиот наплив на посетители.