Телевизијата „Украина 24“ вчера беше цел на хакерски напад и преку неа беше емитувана лажна „изјава“ на претседателот на Украина Володимир Зеленски за капитулација, јавува „Украинска правда“. Информацијата исто така ја потврди и телевизијата.
„Ова е лага. Пријатели, постојано предупредуваме за ова. Никој нема да се откаже. Особено во услови кога армијата на Руската Федерација трпи порази во битките со украинската армија“, напиша „Украина 24“ на „Телеграм“.
Веднаш потоа, преку видео порака се обрати и Зеленски кој изјави „ние сме дома и ја браниме нашата земја“.
Во меѓувреме, „Евроњуз“ пишува дека во лажното видео, Зеленски и се обраќа на нацијата и ги охрабрува граѓаните да „го положат оружјето“. Дополнително, тие наведуваат дека лицето и гласот на Зеленски се монтирани на видео со помош на вештачка интелегенција за да се создаде „дипфејк“ видео.
На почетокот на овој месец, копнените сили на Украина ги предупредија граѓаните да бидат свесни за потенцијалните манипулативни видеа кои би можеле да покажат очигледни повици за предавање.
„Видеата направени преку такви технологии е речиси невозможно да се разликуваат од вистинските“, се вели во објавата на Фејсбук.
На интернет вчера се прошири и „дипфејк“ видео на рускиот претседател Владимир Путин, навидум создадено како одмазда за лажниот клип на Зеленски. Една од верзиите на Твитер имаше повеќе од 50.000 прегледи.
Во видеото, рускиот претседател го најавува предавањето на Русија и ги повикува војниците „да си одат дома додека се живи“. Видеото исто така е направено со помош на вештачка интелегенција, од неодамнешното обраќање на Путин кон нацијата.