Ханеке за #МеToo: Ловот на вештерки треба да остане во средниот век  

Двократниот добитник на „Златна палма“, Михаел Ханеке смета дека реакциите што доаѓаат од движењето #МеТоо се „лов на вештерки“ што ја „трујат“ социјалната клима.

„Оваа хистерија на осуди која се шири во моментов е апсолутно одвратна“, вели режисерот во интервју со австрискиот „Daily Kurier“.

Ханеке смета дека кариерите на луѓето кои се во фокус на медиумите се уништени, но работите одат предалеку врз основа на „целосно непроверена малигност, слеп бес кој не се базира на факти“.

„Ваквиот пристап им ги уништува животите на луѓето, чиј криминал не е докажан во многу случаи. Me загрижува овој нов пуританизам на омраза кон мажите што доаѓа од #МеToo“, вели тој.

„Ова нема врска со фактот што секој сексуален и насилен напад, врз мажи или жени, треба да биде осуден и казнет“, смета Ханеке, дополнувајќи дека „ловот на вештерки треба да остане во средниот век“.

Ханеке е еден од најпочитуваните филмаџии од новата генерација, добивајќи најпрестижни награди во Кан за „Белата панделка“ и „Љубов“, кој исто така доби и „Оскар“.