Приказната за детството на Хари Потер најверојатно ќе биде адаптирана и за театар, во претставата којашто ќе ја продуцира самата авторка на романот за малиот волшебник, Џоан К. Роулинг.
Роулинг на претставата ќе работи со реномираните театарски продуценти Сониа Фридман и Колин Календер, иако сама нема да го пишува текстот за претставата.
Авторката на седумте романи за малиот волшебник изјави дека во текот на изминатите години добила безброј предлози за адаптирање на приказната за Хари Потер за театарска продукција.
„Визијата на Сониа и Колин беше единствената којашто за мене има смисла. Нивната визија има чувствителност, сила и интимност за коишто верувам дека се пресудни за пренесувањето на приказната за Хари на сцената”, додала Роулинг.
Претставата премиерно ќе биде изведена во Велика Британија, и ќе ја истражува досега нераскажаната приказна за раните години на Хари додека бил сирак и бездомник, велат двајцата продуценти, додавајќи дека сѐ уште се разгледува кој ќе пишува текстот за претставата и кој ќе ја режира.
Серијата од седумте романи на Роулинг за Хари Потер, објавени во периодот од 1997 до 2007 година во вкупен тираж од 400 милиони примероци, е преведена на 65 јазици во светот.