По објавеното сведоштво за непостапување на институциите при спасување човечки живот на непристапен терен, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара одговорност за крајната небрежност на институциите во кратовскиот случај.
Оттаму во својата реакција велат дека се обратиле до општината Кратово и до Дирекцијата за спасување и заштита, со барање за информации за тоа кои дејствија ги презеле откако биле известени за несреќниот настан.
„Случајот со јавноста го сподели лекарот Павле Зафиров, кој обидувајќи се да спаси човек со здравствен проблем, во завеано планинско место во близина на Кратово, не добил помош од ниедна институција до која се обратил. По неуспешните обиди да добијат помош од надлежните општински власти, Зафиров, заедно со медицинскиот техничар и роднините на лицето, биле приморани сами да го пренесат до најблиската здравствена установа, после петчасовно движење низ екстремно стрмен и завеан предел“, велат оттаму.
Медицинското лице Павле Зафиров вчера сподели за интервенцијата за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во Кратовската општина.
„Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото и после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше се уште живо. Го внесовме во куќата и му пруживме прва помош, но како што секогаш бива, една несреќа не оди сама. Се обратиме за помош кај сите институции во нашата општина. И замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од ЗД Кратово се јавувале и во полициската станица но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не не удостоија ни да ни кренат слушалка“, нагласи тој во својата објава.
Зафиров додаде дека тимот пет часа на раце го пренесувале лицето по козји патеки, стрмни предели, река, и непристапни предели.
Од Комитетот велат дека испратиле и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа, поради тоа што општината не ги преземала сите дејствија за кои е надлежна согласно Законот за заштита и спасување.
„Доколку контактираните институции навистина немале можност сами да спроведат акција за спасување на лицето, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, како што одредува членот 35 од овој закон“, се вели во нивното соопштение.
Од Хелсиншкиот комитет инсистираат на брзо расчистување на овој случај и бараат одговорност од сите надлежни поединци и институции, кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација.
„Ваквиот неетички и противзаконски однос, манифестира екстремна небрежност и кон лицето во тешка здравствена состојба, но и кон здравствените работници и другите лица кои учествувале во неговото спасување“, велат оттаму.