Потребни се итни измени на Кривичниот закон за да се усогласи со Истанбулската конвенција, односно вметнување на различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената, гласи ставот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Ова доаѓа како реакција на вчерашниот случај во Струга, каде сопруг ја убил својата 34-годишна жена. Убиството настанало по меѓусебна расправија во станот на нивните пријатели, каде што биле на гости. Сопругот со нож ја убил жената, а потоа се обидел и да се самоубие.
„На 27 јануари оваа година Собранието на РСМ го донесе новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој ќе започне да се применува од 6 мај годинава. Овој закон претставува еден од клучните закони кој беше предвиден со Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023. Она што се очекува со донесувањето на овој закон е дека значително ќе се подобри институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму нагласуваат дека убиството на жена затоа што е жена, односно фемицидот, претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво. Најчесто е предизвикано од страна на лице со кое жртвата е во партнерски однос.
„Имајќи предвид дека фемицидите не се ретка појава, а во нашата земја најчесто се резултат на непријавување на семејното насилство или на несоодветно постапување на релевантните институции, потребно е да се утврди дали на овој случај му претходеле пријави за семејно насилство од страна на жртвата и дали службените лица соодветно постапувале по тие пријави“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.