Битолчани од ромската заедница пред два дена биле претепани од полициски службеници откако направиле сообраќајка. Видеоснимката од настанот денес ја објави иницијативата Аваја, предизвикувајќи бројни реакции во јавноста.
Оттаму соопштија дека ќе го застапуваат случајот и најавија и протест, бидејќи како што посочија – ваквите случаи не смеат да се повторат. Иницијативата вечерва организираше и пренос во живо со Ромите кои беа нападнати, каде го раскажаа случајот од нивен агол. Велат дека се здобиле со повеќе повреди низ телото.
„Ужаснати сме од видеото кое се најде на социјалните мрежи каде се гледа полициска бруталност врз лица од ромската етничка заедница. Бараме секторот за внатрешна контрола при Министерство за внатрешни работи да го испита случајот и да ги санкционира сторителите“, повикаа од Аваја.
Полициска бруталност – вклучување во живо
Posted by AVAJA on Thursday, 24 September 2020
Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека полициска бруталност врз припадниците на ромската заедница го покажува непрофесионалниот однос и самоволието при постапување кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани. Според нив, ова продолжува да биде честа практика на полицијата.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува ваквото однесување на полициските службеници и за ова ќе поднесе претставка до специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се покрене постапка пред суд со цел утврдување на кривична одговорност. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи, ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постпака“, информираат од Хелсиншки.
Оттаму потсетуваат и на инцидентот пред три месеци кога имаше случај на полициска бруталност врз бездомни лица -Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје.
„Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигура дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници. Ваквиот третман кон ранливите групи граѓани, кои долги години во изминатиот период беа жртви на полициско насилство, мачење и понижувачки третман, нема да ја врати довербата во полицијата. Напротив, ваквото однесување дополнително придонесува граѓаните да се чувствуваат загрозено и исплашено“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, информираа дека го утврдиле идентитетот на учесниците во настанот и дека работат на расчистување на случајот.