„Во текот на март 2020, регистрирани се 110 случаи, што е за 100 % повеќе за истиот временски период лани. Најголем број од случаите кои беа регистрирани во март се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со вирусот КОВИД-19, воведувањето на вонредна ситуација од страна на Претседателот на Република Северна Македонија и со тоа полициски час, како и реакција на јавноста поврзана со мерките кои се преземаат од страна на Владата. Најмногу дигитален сообраќај и со тоа реакции на социјалните медиуми е забележан по завршувањето на официјалните прес-конференции на министерот за здравство во име на Кризниот штаб“, велат од Хелсиншкиот комитет во своето соопштение.
Оттаму истакнуваат дека најголем број од пријавите (72 %) се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и политичка припадност, додавајќи дека пријавите по основ за политичка припадност не биле толку високи од лани за време на одржувањето на претседателските избори. Исто така, 21 пријава, или 18 % се однесуваат на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет, стои во соопштението.
„Високиот број на некарактеристични пријави се должи на прогласувањето на вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија и разменување на негативен тон помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата (и од здравствен и од економски агол)“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.
За да може ефикасно да се следи говорот на омраза поврзан со јавното здравство, од овој месец, Хелсиншкиот комитет ќе воведе категорија за говор на омраза врз основа на здравствената состојба за да се подобри информирањето во овој дел.
Хелсиншкиот комитет, врз основа на својата анализа, уште во февруари предупреди и продолжува да предупредува за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во новонастанатиот контекст со прогласувањето пандемија и воведувањето вонредна ситуација во државата. Исто така, Хелсиншкиот комитет предупредува да не се злоупотребуваат механизмите кои ѝ стојат на располагање на извршната власт и редовно да ги известуваат Претседателот на државата, медиумите и граѓанските организации за преземените мерки и нивниот ефект. Ова е особено важно во отсуство на функционално Собрание и можност за ефикасен надзор врз работата на извршната власт во време на вонредна ситуација.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.