Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центарот за поддршка најостро го осудуваат денешното издание на весникот Вечер, со кое според оваа организација се срушија сите принципи на одговорно новинарство во една демократска држава.
„Би сакале да потсетиме на разликата меѓу вест и коментар, за разликата меѓу слободата на изразување и говорот на омраза. Би сакале да потсетиме за значењето на повикот на линч кој е свиен во повик кон граѓаните да пријавуваат поединци, новинари за кои се сомневаат дека се припадници на нехетеросексуалната ориентација. Заштитата на правото на слободата на изразување не подразбира заштита на говорот на омраза, ниту пак заштита на изразувањата кои поттикнуваат на омраза и насилство“, стои во рекцијата од Хелсиншки комитет.
„На насловната страна на изданието на Вечер стои наслов “Има ли хомосексуалци меѓу новинарите”, кој е проследен со текст кој повикува на скриен линч преку јавно етикетирање, истовремено се цел да се омаловажат поеднинците поради бесмисленото истакнување на нечија сексуална ориентација (Нагласуваме : без никаков релевантен извор за вистинитост на истакнатите непотребни информации)“ се вели во соопштението.
Од Хелсиншкиот истакнуваат: Залагањето на одредени новинари за одговорно новинарство и независно информирање на јавноста каде што говорот на омраза мора да биде изоставен, беше нападнато како кампања за геј парада што е надвор од сите параметри на вистината. Вистината која е заборавена преку манипулативната игра на овој дневен весник е оттргнување на вниманието на јавноста од вистинскиот проблем на падот на слободата на новинарството, преку насочување на омразата кон одредени новинари претставени како хомосексуалци.
„Хомосексуалноста се претставува како деградирачка особина со цел да се деградираат индивидуи без никакви факти и притоа се повредува нивното право на приватност, што е тотално апсурдно за еден модерен весник кој опстојува во демократска држава која промовира вредности на еднаквост и диверзитет за народот и држава која е член на Советот на Европа“ истакнуваат од Нелсиншкиот комитет.