Хелсиншки комитет истражи кои се потребите и приоритетите на ЛГБТИ+ луѓето во Македонија

Хелсиншки комитет за човекови права издаде ново истражување насловено како „Извештај за потребите и приоритетите на ЛГБТИ+ луѓето во Република Северна Македонија“.

Според него, 60% од испитаниците дека културните институции и настаните во Македонија не се доволно инклузивни и не ги вклучуваат ЛГБТИ+ луѓето, па оттаму многу им е важно да се организираат посебни социо-културни настани. Речиси 90% од испитаните луѓе сметаат дека ЛГБТИ+ луѓето не се доволно вклучени во носењето одлуки на локално и/или на национално ниво. Меѓудругото, доколку би било дозволено во Македонија повеќе од 70% одговориле дека би биле во цивилно партнерство со нивниот/нивната партнер/ка.

„Целта на истражувањето е да бидат идентификувани потребите и приоритетите на ЛГБТИ+ луѓето во државата, пред сè, во однос на основните потреби и безбедноста, домувањето и финансиите, медицинската заштита и заштитата на менталното здравје, правната заштита, социо-културниот живот, како и други потреби“, објаснуваат авторките Ангелина Станојоска и Ина Џугуманова.

Како што потенцираат оттаму, резултатите од ова истражување ќе бидат искористени за подобрување на генералната положба на ЛГБТИ+ лицата во Македонија или за подобрување во одредени области, како и за споредбена анализа и заклучоци во однос на потенцијални промени на состојбата од претходни истражувања.

„Всушност, истражувањата и информациите за ЛГБТИ+ заедницата се првиот чекор кон напорите да се спречи дискриминацијата на оваа група граѓани“, истакнуваат тие.

Во истражувањето е нагласено дека одредени категории граѓани во Македонија сè уште не може целосно да ги уживаат нивните права и слободи, ниту да бидат заштитени во случај на нивно непочитување, иако оваа година е јубилејна 70 годишнина на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Користејќи го „Rainbow Europe Index“ во 2023 година на процентуалната скала за почитување на правата на ЛГБТИ+ луѓето, Македонија е оценета со 29%.

„Ова ја позиционира на последното скалило од земјите во регионот на Западен Балкан“, стои во истражувањето.

Како што пишува таму, иста е состојбата и во областа на еднаквоста и недискриминацијата на оваа категорија граѓани, каде нашата држава е оценета со 45%.

„ЛГБТИ+ заедницата се соочува со многубројни проблеми во различни сфери од општествениот живот, сè уште е дискриминирана, а дел од ЛГБТИ+ луѓето го избираат себеприкривањето како инструмент за заштита, макар што тоа доведува до социјална изолација и последици по менталното здравје, како и намалени економски можности“, додаваат таму.

Инаку, публикација е подготвена од Хелсиншки комитет за човекови права Скопје во партнерство со ЛГБТК+ Виктори Институт и Коалиција Маргини, со поддршка на Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД).