По повод „16 дена активизам против родово базирано насилство“, меѓународната кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, а трае 1о дена, до Денот на човековите права (10 декември), од Хелсиншкиот комитет упатија реакција во врска со небезбедноста на јавните простори.
Од Комитетот посочуваат дека пандемијата на вирусот Ковид-19 успеала да ги изнесе на површина постоечките нееднаквости во општеството, кои биле дополнително продлабочени поради родово несензитивните политики и мерки кои се носени од страна на Владата.
„И покрај постојаните укажувања, пред сè од страна на граѓанските организации, за негативното влијание на некои од мерките врз најранливите групи во општеството, меѓу кои и жените, сепак родовата перспектива воопшто не беше земена предвид во процесот на донесување на одлуки“, велат од организацијата.
Од таму истакнуваат дека денес, во услови на сериозна енергетска и економска криза, лекцијата сè уште не е научена, па мерките и политиките на Владата повторно ги занемаруваат потребите на најранливите во општеството и придонесуваат за зголемување на нивната ранливост.
„Дел од мерките на штедење кои ги имплементира Владата беа донесени без соодветна анализа за нивните импликации врз животот на граѓанките. Мерките за штедење кои ги спроведуваат општините вклучуваат и штедење на струјата наменета за уличното осветлување, па така голем дел од улиците и парковите се целосно темни веќе по 16 часот, што директно влијае на безбедноста и чувството на безбедност на жените и девојчињата“, се вели во реакцијата.
Од Хелсиншкиот комитет се повикуваат на анонимната анкета спроведена од феминистичката платформа Медуза.
Според анкетата, 95% од испитаничките сметаат дека градското осветлување влијае на нивното чувство на безбедност, а дури 42% изјавиле дека оваа сезона во нивната општина нема градско осветлување.
„Доколку земеме предвид дека граѓанките на Скопје ги перцепираат за безбедни само одредени простори во градот, а речиси 60% се плашат да излезат сами ноќе, она што е очигледно е дека овие мерки влијаат на ограничување на движењето на жените и избегнување на одредени јавни простори, на чувството на безбедност, но и на самата безбедност на жените“, велат од Комитетот, дополнувајќи дека јавните простори треба да бидат безбедни за сите.