Хелсиншкиот комитет за човекови права по повод Светскиот ден на здравјето, денеска ја реафирмираше заедничката реакција на стотина организации од ноември минатата година, со која се повика „да се стави крај на профитерството во време на пандемија“, информираат оттаму.
Тие повторно апелираа државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со Ковид-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определен максимален износ за плаќање на учество во јавното здравство во согласност со ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување.
„Предлагаме Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање. Очекуваме Фондот за здравствено осигурување да склучи договори со сите лаборатории за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со Ковид-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази“, стои во реакцијата.
Истовремено, од Хелсиншкиот комитет додаваат дека во услови кога здравствената криза е пропратена и со силни економски и социјални последици, приватните здравствени услуги од илјадници евра, како што велат, не можат да се сметаат како овозможен пристап за искористување на ова човеково право.
„Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита. Уставно загарантираното право на здравствена заштита значи дека секој поединец има право на пристап до здравствените услуги потребни за неговото здравје. Здравствената заштита мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита. Поединецот што бара третман, а не е во можност да ги плати трошоците за третманот, има право да биде ослободен од тие трошоци“, додаваат оттаму.
Исто така, тие ја повикаа Владата во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници во услови на криза, на начин што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од Ковид-19 само на приватните болници кои склучиле договор со ФЗО.
„Да не дозволиме систематско кршење на правото на пристап до здравствена заштита со што шансите за преживување ќе зависат од тоа кој има повеќе пријатели и пари за да може да го спаси својот и животот на најблиските“, велат од Хелсиншкиот комитет.
„Да се стави крај на профитерството во време на криза“, бараат 40-тина организации