Хелсиншки комитет: Сериозни нарушувања на човековите права во 2012-та

Хелсиншки комитет: Сериозни нарушувања на човековите права во 2012-та

Растечка хомофобија поттикната од институциите, дискриминација по повеќе основи, мешање на државата во ограничување на граѓанските права и слободи. Ова се само дел од забелешките наведени во годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет за состојбите со човековите права и слободи во земјава.

Оценката е дека во 2012 година се констатирани сериозни нарушувања во овој дел и има големи повреди на принципот на владеење на правото и правната држава.

Притоа, посочуваат од Хелсиншки, загрижува тоа што регистрираните повреди на човековите права и слободи укажуваат не само на системски проблеми во функционирањето на органите и институциите, туку и на злоупотреба на нивните надлежности.

Во 2012 најизложени на дискриминација се ЛГБТИ луѓето, заклучуваат од Комитетот, главно поради невклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во голем број на закони за заштита од дискриминација и нивна инклузија во општеството.

Коалиција: МВР молчи за насилството и заканите врз ЛГБТ„ЛГБТИ заедницата е практично невидлива и нема доволно помош која им е потребна за да обезбедат пристап до правдата, активен и исполнет живот како и остатокот од граѓаните на општеството во кое живееме.2012 се покажа како уште една година на продолжение на досегашната политика на конзервативната владејачка партија. Поради ставовите на истата, сексуалната ориентација и родовиот идентитет сеуште не го најдоа своето место во законодавството, а изјавите наминистрите беа во целосен склад со ставовите на нивните партии, наместо во интерес на граѓаните на оваа држава.“ стои во Извештајот.

Како голем проблем се посочува тоа што нема напредок во заштитата од дискриминација и кога се во прашање Ромите како една од најранливите заедници, а во 2012 година се забележува растечка дискриминација по родовата еднаквост поради тоа што жената од владините и црковните претставници, се претставува само во улога на мајка и сопруга. Дискриминација има и при државните вработувања.

„Вработувањето врз основа на политичка определеност во државната и јавната администрација останува еден од најголемите проблеми со кои државата одбива да се справи. Во 2012 година беше очигледно продолжувањето на трендот на политички вработувања и вршење дискриминација по политичка основа во работните односи во државната и јавната администрација,“, посочуваат од Хелсиншки.

Од комитетот изразија загриженост  за ограничувањето на слободата на изразување и слободата на медиумите , а констатират и дека говорот на омраза е сè поприсутен во нашето секојдневие, без притоа да се санкционира.

„Хелсиншкиот комитет со загриженост ги следи последните случувања на македонската политичка сцена и со жалење констатира дека на 24.12.2012 во Собранието на Република Македонија беше направен директен удар врз уставниот  поредок“, забележуваат од Комитетот, од каде силно го осудија бркањето на новинарите од собраниската сала и попречувањето на нивната работа.

2012-та од Хелсиншки ја нарекуваат година на борба против социјалната неправда за остварување и заштита на економските и социјалните права, главно поради низата граѓански протести на граѓанска иницијатива АМАН, стечајните и здравствените  работници. Сепак и во овој дел се нотирани бројни проблеми.

Хелсиншки комитет: Сериозни нарушувања на човековите права во 2012-та„Граѓанските и политичките права во Република Македонија за 2012 година беа особено изразени преку практикување на правото на мирен протест. Особен интерес на Комитетот а, воедно и практика стана набљудувањето на мирни протести по барање на индивидуи и групи поради изразен страв, несогласување со полициски службеници кои го обезбедуваат правото на мирен протест, закани, уцени, ограничување на правата, притисок во форма на контра-протести и политичка дискриминација поради членство во политичка партија“, посочуваат од Комитетот.

Ценејќи дека  Уставот и ратификуваните меѓународните договори ја гарантираат можноста за остварување и заштита на слободите и правата на луѓето, од Хелсиншкиот комитет најавија дека ќе продолжат да ги следат состојбите со човековите права и да вршат нивна промоција, како и да даваат правна заштита на граѓаните чии права и слободи се повредени.

Ј.Ј.