Хелсиншки: Мерките што се преземаат додека трае вонредната состојба мора да бидат во согласност со принципите на неопходност и пропорционалност

Хелсиншкиот комитет апелира да се постапува со должно внимание при усвојување и преземање на мерките.

„Предлозите за задолжително јавно именување на лицата кои се во самоизолација и за објавување на реоните од Скопје во кои се лоцирани случаи, се непропорционално инвазивни и целосно ја одземаат приватноста на засегнатите лица притоа создавајќи стигма кон потенцијално заболените лица“, соопштуваат од Хелсиншкиот комитет.

Од организацијата велат дека во време на вонредна состојба, Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности. Меѓутоа според нив, вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права. Тие потенцираат дека преземените мерки не смеат да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, односно, оние најпогодените од воведувањето на вонредна состојба, а човековите права и слободи мораат да бидат земени предвид при одлучувањето за преземање на мерки додека трае оваа состојба.

„За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата. Согласно домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Произволното интервенирање би било спротивно на јавниот интерес и општото добро, а уредбите со законска сила кои ги носи Владата би биле спротивни на меѓународното право. Пример за тоа како не треба да се постапува е последната реакција на Министерството за внатрешни работи, кое на социјалната мрежа „Инстаграм“ се заканува дека ќе казнува за секој негативен коментар и порака. Ваквото грубо ограничување на слободата на изразување е целосно несоодветно со сегашната состојба и е непропорционално во однос на целта која треба да се постигне, која во оваа објава не е ниту јасно определена“, истакнуваат од Комитетот.

Од Хелсиншкиот комитет додаваат дека е нејасна целта на радикалната забрана за движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден и насловувањето на оваа мерка „полициски час“ додека во текот на денот парковите, игралиштата и другите јавни површини остануваат главни собиралишта на големи групи луѓе.