Хелсиншкиот комитет кој преку свои претставници беше присутен на граѓанскиот протест пред Владата на кој граѓаните повторно го изразија својот револт за непреземањето на одговорност за убиството на Мартин Нешковски, забележа дека полицијата при истиснувањето на граѓаните употребила несразмерна и прекумерна сила, соопштуваат оттаму.
Во последниот извештај на комитетот за состојбата со човековите права, Комитетот забележува дека протестот започна во 18 часот со спонтано собирање на граѓаните преку претходно договарање на социјалните мрежи. До 20:30 часот, протестот е без поголеми инциденти и судири помеѓу граѓаните и полицијата, додека првите посериозни судири со полицијата започнаа околу 22 часот. Тогаш, полицијата започна со истиснување на сите граѓани кои беа пред Владата.
„Полициските службеници не ја ограничија употребата на сила само на оние граѓани кои беа агресивни кон нив, туку неселективно ги удираа и газеа сите граѓани, од кои голем дел седеа мирно на земја со кренати раце. Потоа полицијата пристапи кон приведување на учесниците во протестот. При приведувањето, полицијата повторно примени неселективна, прекумерна и несразмерна сила. Приведувањето траеше и кога граѓаните повеќе не учествуваа во протестот и заминуваа кон своите домови. Ова го потврдува и фактот што во 23:30 часот, полициските службеници насилно влегоа во повеќе објекти, помеѓу кои и библиотеката „Браќа Миладиновци“ и повторно примени несразмерна и прекумерна сила кон сите млади кои беа присутни во библиотеката под изговор дека дел од нив наводно биле учесници во протестот.
Според информациите со кои располага Комитетот, во инцидентите беа уапсени повеќе од четириесет и две лица, од кои најголемиот дел беа задржани 24 часа во повеќе полициски станици во Скопје. Претставниците на Комитетот забележаа дека голем дел од приведените не беа дел од групата која се судираше со полицијата, а дел од нив воопшто не учествувале во протестот. На 15 лица им беше определен притвор, на 1 лице му беше определен куќен притвор, а 2 лице беа во бегство. Од притворените лица, 5 беа студенти, од кои 2 лица се претставници на Студентскиот пленум.
Лицата беа осомничени за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие (член 384 став 1 од Кривичниот законик). Казната за ова кривично дело е од 3 месеци до 3 години, поради што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката притвор, туку треба да бидат искористени останатите алтернативни мерки кои стојат на располагање за обезбедување на присуство.
Комитетот смета дека ваквите одлуки влијаат на ограничување на правото на протест, особено поради фактот што како причина за притворот е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести. Исто така,одлуките за притвор и за поведување на кривични постапки против студенти може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. За споредба, Комитетот имаше монитори на насилните протести против општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда“, се вели во извештајот.
Хелсиншкиот комитет бара судиите кои одлучуваат за определување и продолжување на мерката притвор да го земат предвид фактот дека се работи за полесно кривично дело за кое не треба да се изрекуваа оваа мерка, како и фактот што во најголем дел се работи за млади лица кои претходно немаат сторено кривично дело.
Во периодот од 22 мај до 06 јуни беа одржани главни претреси за 3-те групи на демонстранти кои беа кривично гонети и освен двајца од обвинетите, сите останати ја признаа вината, поради што на најголем дел им беше определена условна казна затвор од 3 месеци која нема да се изврши доколку во рок од 1 година не го повторат делот. На еден од обвинетите кој ја призна вината му беше определена казна затвор во траење од 10 месеци, поради претходна осудуваност за исти кривични дела.
Единствено двајца од демонстрантите не ја признаа вината и судот за едно од лицата определи казна затвор од 2 години и четири месеци, поради претходна осудуваност, а на второто лице му беше определена условна казна затвор во траење од седум месеци затвор која нема да се реализира ако во рок од две години не стори ново кривично дело.
Хелсиншкиот комитет ги набљудуваше судските постапки за обвинетите демонстранти за кои е констатирано дека беа брзи и согласно одредбите на Законот за кривична постапка кои се однесуваат на скратената постапка. Сепак, остануваат забелешките на Комитетот кои се однесуваат на определувањето на мерката притвор, велат оттаму.
Од комитетот исто така констатираат дека по одржаниот протест на 05.05.2015 година, протестите продолжија до 16.05.2015 година, секој ден во 18 часот, организирани од страна на граѓанското движење Протестирам, на кои полицијата не им дозволи на да пристапат пред зградата на Владата на РМ.
„Понатамошното ограничување на правото на мирен собир и јавен протест во периодот 07-16.05.2015 година од страна на полицијата беше неосновано, а однесувањето на полицијата беше полно со контрадикторности и нелогичности“, се вели во извештајот.