Неколку популарни радио станици одбиле да ја емитуваат кампањата насловена „Македонија има љубов за сите“, реагираат од Хелсиншкиот комитет.
„Едни од најголемите радија, каде најмалку очекувавме, одбија да ја емитуваат оваа кампања, збориме и за македонски и за албански радија“, изјави на денешната прес конференција, Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка
Кампањата го најавува и петтиот Марш на толеранција кој годинава ќе се одржи на 16 ноември.
„Минатата година се случи насилство точно пред одржувањето на Маршот на толеранцијата. Слоганот на Маршот на толеранција ќе биде истиот со кампањата „Македонија има љубов за сите“ и се однесува многу пошироко од само на ЛГБТИ луѓето. Ги каниме и ги поканивме и другите организации кои се занимаваат и со етничка дискриминација, и со права на жени, оние кои работат со млади, да се приклучат на Маршот на толеранција и да го дадат својот глас против насилството“, додаде Андоновски.
Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет истакна дека со кампањата сакале да ја промовираат толеранцијата, но во исто време и да ја подигнат свеста за правата на ЛГБТИ заедницата во Македонија.
„Истовремено, оваа кампања претставува и одговор на игнорантскиот став од страна на Владата и другите релевантни фактори во земјата, кои не го осудија насилството врз ЛГБТИ лицата и не преземаа мерки да се пронајдат сторителите на ова насилство“, рече Пировска.
Радио и интернет кампањата „Македонија има љубов за сите“ е изработена од ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ со поддршка од Front Line Defenders (ФЛД).
„Македонија има љубов за сите“ се состои од два дела. Првиот дел е веќе во тек и прикажува лични искуства на припадници на ЛГБТИ заедницата и нивните најблиски. Вториот дел од кампањата се концентрира на јавни личности кои ја изразуваат својата поддршка за ЛГБТИ луѓето, а воедно и го осудуваат насилството.
„Радиото е медиум кој може да допре до поголем број слушатели, па според тоа, оваа кампања може да помогне во промената на јавниот дискурс и да ги притисне властите да го спречат насилството и да оние кои извршиле насилнички дејства бидат повикани на одговорност“, велат од Хелсиншки.
Во рамките на интернет страницата на кампањата, поставена е и Петиција која бара од Премиерот и Владата на Република Македонија да сторат сѐ што е во нивна моќ да се спроведе ефективна истрага и да се казнат насилниците.