Хелсиншкиот комитет за човекови права им нуди правна помош на жртвите на дискриминација во случајот „Сити мол“ во напорите да обезбедат правна заштита, доколку тие поради психичката вознемиреност и претрпениот стрес и бол, одлучат да поведат постапка за утврдување на евентуалната одговорност на страната на раководството на Трговскиот центар „Скопје Сити Мол“.
Во својот последен извештај за човековите права за месец март, Хелсиншкиот комитет забележува дека ваквиот начин на постапување претставува расна дискриминација и директна дискриминација врз основа на етничка припадност, која го ограничува правото на работа и остварување на работни задачи поради наведените основи и истото е забрането согласно Уставот, Кривичниот законик и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Од овие причини, Хелсиншкиот комитет, како членка на Mрежата за заштита од дискриминација, заедно со другите членки го осуди овој настан и го повика јавното обвинителство и Комисијата за заштита од дискриминација истиот да го истражат и да поведат постапки за утврдување на одговорност за нееднаков третман кон лицата од ромска националност, со цел да се обезбеди правна заштита на жртвите на дискриминација. Дополнително, ваквиот третман директно го загрозува и моралниот интегритет, кој според Уставот на Република Македонија е неприкосновен, го загрозува угледот и достоинството на лицата Роми, со што се повредуваат основните човекови права, поради што Комитетот бара итна реакција од горенаведените државни институции“, се вели во извештајот за состојбата на човековите права во земјава.