Неколку ромски семејства се соочуваат со враќање во состојба на социјален ризик, откако добиле решение од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да го напуштат привременото живеалиште во прифатниот центар во Визбегово, соопштија од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
,,Зошто да нѐ бркаат! Од улица нѐ земале. На улица нашите деца да одат да просат пак, или да крадат?…Ние не излегуваме од тука’’, вели Дудие Асан во изјава за медиумите, во име на овие семејства.
Овие луѓе се сместени во привремените живеалишта од 2018 година, а дотогаш живееја на отворено, под тврдината Кале. Семејствата наведуваат дека од МТСП добиле известување дека треба да ги напуштат времените објекти најдоцна до 31 март и дека во спротивно ќе се изврши нивно присилно иселување. Од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека станува збор за семејства со малолетни деца, кои се вклучени во образовниот процес во училиштето во Визбегово.
Тона Карева, правна советничка од Хелсиншкиот комитет посочи дека со нивното иселување, без притоа државата да направи план на кој начин тие понатаму ќе се интегрираат во општеството, овие луѓе ќе завршат буквално на улица, а децата ќе бидат приморани да го напуштат образовниот процес и ќе бидат изложени на постојан ризик како лица бездомници.
„Целта на сместувањето на Ромите од Кале во привремените живеалишта во прифатниот центар во Визбегово е да им се помогне во нивно вклучување на пазарот на труд, социјална заштита и здравство, обезбедување на документи за лична идентификација, вклучување на децата во образовниот систем и да се изнајде трајно решение за нивно натамошно домување, со крајна цел нивно извлекување од сиромаштија. Нивното иселување во овој момент без никаков план за помош при домување барем во одреден период по иселувањето од прифатниот центар, експресно ќе ги врати во сиромаштијата во која живееа со години пред да бидат сместени во прифатниот центар. Овие семејства ќе останат на улица со малолетни деца, со сите ризици кои ги носи бездомништвото и сиромаштијата“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.
Од Хелсиншкиот комитет минатата недела се обратиле до МТСП, со барање за изнаоѓање алтернативно решение за овие семејства, но од министерството сѐ уште не добиле одговор.