Хелсиншкиот комитет за човекови права, со оглед на, како што велат, досегашните искуства во земјава со реториката во предизборните периоди, стравува од можно искористување на хуманитарната криза во Авганистан во пресрет на локалните избори, па затоа упатуваат апел до медиумите, а особено до политичарите да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните за политички цели.
„Ваквото искористување на судбината на луѓе, кои бегаат за да го спасат својот живот поради тоа што се соочени со смртни закани во својата земја, се коси со меѓународните конвенции на кои сме се обврзале како држава (Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации и Европската конвенција за човекови права), но и со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чија егзистенција е директно загрозена“, велат тие.
Истовремено, додаваат дека хуманитарната криза и владината најава за привремено прифаќање на бегалци од Авганистан, како што велат, очекувано е проследена со интензивен говор на омраза и обиди да се шири ксенофобија меѓу граѓаните.
„Изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите беа постојано присутни во јавниот дискурс. Иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем“, се додава во нивното соопштение.
Оттаму потенцираат дека во наредниот период будно ќе ги следат случувањата на терен и ќе им овозможат правна поддршка на 450-те лица кои ќе бидат прифатени во земјава. Истовремено, тие додаваат и дека го следат и ксенофобичниот говор во јавноста и најавуваат редовно поднесување пријави за говор на омраза до надлежните институции.