По влијанието што Ковид-19 кризата ја има врз младите и нивното сексуално и репродуктивно здравје и права, младите најмногу ги засега менталното здравје. Пораст на бројките се забележува кај жртвите на сексуално и родово базирано насилство, а младите мајки кои биле бремени или имале деца за време на пандемијата наишле на многу пречки. Ова се заклучоците од новото национално истражување на ХЕРА, „Пристапот на младите до информации за сексуално и репродуктивно здравје, образование и грижа во Македонија за време на Ковид-19 кризата“.
Во студијата се наведува и дека за време на изминатите две пандемски години, на населението, воедно и на младото население, му беше ограничен пристап кон одредени здравствени услуги, како што е барањето помош од психолог и помош од надлежните институции при случај на домашно насилство.
Истражувањето на ХЕРА е спроведено во втората половина на 2021 година, и е составено од квалитативно и квантитативно истражување. Во квалитативниот дел се подразбираат испитувања на пет целни групи на возраст од 18 до 30 години, општа млада популација, млади Роми, млади од рурални средини, млади мајки (жени што биле бремени или се породиле за време на пандемијата) и млади од ЛГБТИ популацијата во земјава. Во секоја од одделните групи испитани млади свое мислење дале од 30 до 40 млади.
„Најголем проблем со семејно и родово базирано насилство имаат ромската и ЛГБТИ заедницата, но и младите мајки. Бројките се зголемени за 10 до 20 отсто за време на пандемијата, зависно од категоријата. Порастот се должи на рестриктивните мерки, карантините, и ова особено е изразито кај членовите на младата ЛГБТИ+ популација кои биле принудени да живеат во услови со луѓе кои не ја одобруваат нивната сексуална ориентација или начин на живот и нашето истражување покажа дека се чувствувале како да живеат во „модерен затвор“, посочува за Радио МОФ, Константин Какуринов, проектен координатор во ХЕРА.
Студијата охрабрува и решенија за наведените проблеми инспирирани од самите млади, што, како што појаснува Какуринов, е развивање на свеста на младите за нивното сексуално и репродуктивно здравје, а голем дел од младите бараат и зголемување на дигитализација во однос на поставување на советите и пристапот до услуги на онлајн платформите.
Тој смета дека за решавање на проблемите на загрозените млади во петте фокусни групи забележани при истражувањето потребно е институциите и власта да обрнат повеќе внимание за сериозноста на проблемите.
„И кај општата популација млади и кај ранливите групи заедничко е што сите сметаат дека голем проблем за нив е менталното здравје. Кај општата популација тоа се должи на губењето на социјалниот живот и затворањето дома, додека кај останатите групи истото е сврзано со дополнителните пречки со кои се соочуваат. Сметам дека менталното здравје очигледно станува се поголем проблем кај младите а тоа е поддржано и од други истражувања“, посочува Какуринов.
Според него овие последици од кризата се проблемите што всушност се присутни уште пред почетокот на пандемијата и ваквото истражување покажува дека кај младите за време на Ковид-19 се развила свеста за нивното постоење.
„Испитаните млади може да ги поделиме на уште две категории – млади што сметаат дека е во ред да побараат помош од психолог и млади чии родители сè уште сметаат дека тоа е табу. Потребно е да се намали тоа табу во формалното и неформалното образование и што повеќе да се сензибилираат младите, а особено заедниците во кои живеат, нивните семејства дека е во ред младите да ги споделуваат своите чувства. Што помалку ги чуваме таквите работи во себе толку полесно ги решаваме проблемите“, вели Какуринов.
Од ХЕРА нагласуваат дека покрај стимулирањето на младите да се привикнат да бараат помош во ситуации кога тоа им е потребно, многу е важно и психолозите и стручните лица да пристапуваат еднакво кон сите млади.
„Имаме ситуации кога здравствените работници имаат поинаков пристап кон различните млади. Кога лице од ЛГБТИ заедницата ќе ја сподели својата сексуална ориентација истото е гледано со поинакви очи, третирано е со друго внимание и на друг начин. Сепак младите не треба да се плашат да побараат помош, не е страшна работа да се зборува за своите проблеми, тој дел е важен во развојот на младите и не треба да се потисне“, заклучува Какуринов.
Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА во своите центри за поддршка нуди бројни услуги кои се бесплатни и лесно достапни за засегнатите групи млади. Оттаму ги повикуваат сите други невладини организации да покренат иницијатива за формирање на вакви можности со цел да се надминат општите како и ковид-последичните проблеми од типот на ментално здравје, насилство и пристап на услуги со кои се соочуваат младите во земјава.
Студијата е спроведена во рамки на проектот „Младите зборуваат, младите одбираат“.
Ангела Бошкоска