ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и оваа година се приклучува на Европската недела на тестирање за ХИВ која трае од 20 до 27 ноември.
Европската недела на тестирање за ХИВ е заедничка акција на повеќе од 400 организации ширум Европа, кои работат на превенција и грижа за ХИВ. Целта на оваа акција е преку обединување на организациите низ Европа да се зголеми свеста за придобивките од ХИВ тестирањето, што ќе овозможи што повеќе луѓе да добијат информации за превенција од ХИВ, да го дознаат својот ХИВ статус и да им биде овозможен пристап до терапија, грижа и поддршка. Мотото на годинешната акција е „ТЕСТИРАЈ. ЛЕКУВАЈ. ПРЕВЕНИРАЈ“.
„Се претпоставува дека најмалку едно од три лица од вкупно 2,5 милиони луѓе кои денес живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својата состојба. Половина од оние луѓе што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапија, грижа и поддршка. Овие статистички податоци укажуваат дека мора да се направи повеќе во охрабрувањето на поединците да направат ХИВ тест, како и да се подобри пристапот до ХИВ тестирање за сите. Особено важно е што е можно поскоро луѓето што биле изложени на ризик да го дознаат својот ХИВ статус. Последните наоди даваат поддршка за започнување на третманот веднаш после дијагнозата на ХИВ инфекцијата со што се штити здравјето на луѓето. Денес, достапната терапија значи дека некој со ХИВ може да живее здраво долго време доколку се дијагностицира навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси нормален животен век доколку добиле ран третман. Терапијата за ХИВ, исто така, значително ја намалува веројатноста за понатамошен пренос на ХИВ“, се вели во соопштението на ХЕРА.
Во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, во Младинскиот центар „Сакам да знам” – Водно ќе биде достапно бесплатно и доверливо ХИВ тестирање и советување со брзи тестови секој ден од 20 до 27 ноември од 15:00 до 21:00 часот. Сите заинтересирани лица подетални информации можат да добијат на телефонскиот број 02/3176 950 или на следниот е –маил: hivtest@hera.org.mk.
Исто така, достапна е и мобилна апликација ХИВ тест на Google Play која нуди информации за ХИВ и најблиската локација каде може бесплатно да се направи ХИВ тестирање и советување.