Сите предуслови за осмислување и системско воведување на сеопфатно сексуално образование се остварени и затоа ги повикуваме граѓаните да дадат поддршка на петиција за воведување на сеопфатно сексуално образование, велат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.
Програмскиот директор на ХЕРА, Драшко Костовски за Радио МОФ вели дека по сите преземени мерки за подготовка на теренот за воведување на сеопфатно сексуално образование, не се преземени никакви конкретни мерки од страна на одоворните институции.
„Заедно со Министерството за образование и наука беше спроведена проценка на потребата и на достапноста на информациите од областа на сексуалното образование во Македонија, подготвени се насоките како да се воведе сеопфатно сексуално образование и подготвен е прирачникот за наставниците од основните училишта за теми од областа на сексуалното и репродуктивно здравје“, вели Костовски.
Во повикот за петицијата, се бара од Министерот за образование и наука до почетокот на учебната 2014/15 година „да се направи ревизија и да се осигура целосна примена на предметот образование за животни вештини преку редовна инспекција на наставата, да се прифати прирачникот за сексуално и репродуктивно здравје подготвен од ХЕРА и да се обезбеди обука на наставниците, и да се формира работна група која ќе подготви план за системско воведување на предмет според упатствата од Рамката за сеопфатно сексуално образование“.
Собирањето на потписи за петицијата ќе се одвива во повеќе градови низ земјата, од 12.00 до 17.00 часот, а локациите за петицијата може да ги погледнете линк. Петицијата наскоро ќе биде достапна и во онлајн верзија.