Одлуката на Претседателот Ѓорѓе Иванов да го потпише указот за новиот закон за прекинување на бременост се заснова на целосно прилагодување со идеолошките убедувања и одлуките на администрацијата која го донесе наведениот закон и во таа смисла, повикувањето на правните и стручните аргументи, по донесената одлука за поддршката на законот, е непредметно, реагираат од организацијата ХЕРА.
Според нив, тие ја прифатиле поканата на Кабинетот на Претседателот поради почитта кон институцијата Претседател на Република Македонија.
„Бевме зачудени што тимот на Претседателот не беше во тек со двонеделната расправа и покрај писмото од 72 македонски организации, 91 меѓународна организација и писмото од европратениците. ХЕРА ги изнесе истите аргументи кои беа истакнати за време на јавната расправа во Собранието. Иако од наша страна беа изложени главните бариери за пристап до абортус, како писменото барање за абортус, советниците на претседателот ни посочија дека станува збор за про форма измени и дека Претседателот не може да стори многу за промена на законот. Дали за Претседателот Иванов сите закони во Македонија се про форма или само законите кои ги третираат и ограничуваат женските права?“, се вели во реакцијата на ХЕРА.
Претседателот Иванов беше повикан од ХЕРА и други граѓански здруженија да не го потпише указот за новиот Закон за прекинување на бременоста, но тој не ги послуша. Вчера од Кабинетот на Претседателот соопштија дека ставовите на ХЕРА се неосновани.
Активистите од повеќе граѓански здруженија под мотото „Нема ценкање со женските права“, три пати излегоа на протести пред Собранието на РМ и бараа повлекување на Предлог законот за прекинување на бременоста, предложен од министерот за здравство, Никола Тодоров.
Иако повеќе претставници на граѓанските организации, доктори и пратеници ги упатија своите забелешки за опасноста од усвојувањето на законот кој според нив го ограничува правота на жената за абортус, тој беше изгласан во Собранието.