Скопје ќе биде домаќин на уникатен настан на 16 септември со почеток во 20 часот, во киното „Милениум“, а во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан.
„Познатата 74-минутна музичка композиција на Нил Бранд за немиот филм на Алфред Хичкок ‘Уцена’ (1929), ќе биде премиерно изведена во живо од студентите од Институтот FAME’S, прикажувајќи ја уникатната моќ на живата оркестрална придружба за неми филмови. Изведбата ќе биде водена од Маестро Мириан Хухунаишвили и ќе го претвори овој безвременски трилер во незаборавно кино и музичко искуство“, велат од Кинотека.
Од таму информираат дека оваа изведба ќе биде финале на еднонеделниот оркестарски курс со наслов „Филмска Музика“ во рамки на програмата на Институтот FAME’S, поддржана од Креативна Европа, кој ќе им овозможи на студентите да стекнат искуство од областа на филмската музика и да работат под менторство на диригент со светска репутација.
„Студентите ќе бидат под водство на Маестро Мириан Хухунаишвили, диригент познат по својот динамичен пристап и способноста да инспирира млади музичари. Хухунаишвили е ко-основач и музички директор на Младинскиот оркестар од Тбилиси и има диригирано водечки интернационални оркестри, вклучувајќи го и Кралскиот оркестар Концертгебау и Филхармонијата од Осло“, велат од Кинотека.
„Уцена“, еден од раните неми филмови на Хичкок, ја следи приказната на жена која е вовлечена во заговор за уцена откако ќе убие човек во самоодбрана.
„Филмот означи пресвртница во кариерата на Хичкок и е признат како брилијантна истрага за криминалот, вината и човечката психологија. Саундтракот ја зголемува емоционалната тензија и напнатост на филмот, додавајќи нови слоеви на комплексност на приказната“, посочуваат од Кинотека.
Од таму велат дека настанот ќе ги обедини сите филмофили, љубители на музиката и сите оние што уживаат во уникатниот спој на визуелно и аудитивно раскажување.