Насловена „Хиперактвен агорафобик“, во монтажната галерија при Паркот на франкофонија, од 2 до 9 септември ќе биде отворена изложбата на цртежи од Ертунч Сали.
Изложбата е инспирирана од алтер егото, односно, другото јас, а ќе бидат преставени над 60 цртежи изработени во повеќе техники на рециклирана хартија.
Според авторот, приказната на изложбата е аспирација на неговите искрени мисли во конкретна ситуација, а мотивите во наративата на цртежите се скриените желби за отуѓување од општеството, гласните незадоволства од самотијата во гужвата, тивките вести на масата народ со ентузијазам кон ситниците во барањето на среќата.
„Алтер егото на авторот има затворен карактер. Тој е хиперактивен агорофобик, кој секојдневието го поминува во неговиот дом, со неговиот најдобар другар, неговата капа. Неговиот страв од улица му е предизвик во барањето-создавањето други форми на забава. Најмалите детали му се сеир, најголемите случки од историјата му се игри, најчуените вести му се неми, најодвратните иновации му се копнеж. Сака да помага, но тој нема да излезе од дома. Во неговиот голем, но мал свет, тој нема да престане да ужива во својата глупост до дента кога храброста ќе го довлечка во надворешниот свет. Длабоко во него, тој знае дека соочувањето со стравот е растење“, се вели во соопштението за изложбата.
Ертунч Сали, 1990, Скопје, Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, Македонија, како графичар и дизајнер. Професионално графички дизајнер, страстен уметник. Своето студио го отвори во Скопје заедно со колегите од факултет, потоа познат како колектив Кула. Неговиот најголем придонес за културната сцена во Скопје беше да биде еден од основачите на колективот Кула и да организира многу културни настани -концерти, изложби, настани за храна, во Скопје, како и свои изложби. Моментално работи во Скопје и продолжува со својот придонес на сцената. Сите негови дела може да се најдат на неговата официјална веб-страна.