Како и пред осум години (кога за прв пат дојдоа во Скопје), така и сега, Simple Minds направија фантастичен концерт. Овој пат со промоција на нивниот албум со најголеми хитови „Celebrate“, имаа одлична прослава на својата 35 годишна кариера.
На сцената, како што беше и најавено, се појавија околу 21.30 часот и приредија двочасовна забава. Концертот го отворија со последниот сингл „Broken Glass Park“ и продолжија со еден од нивните големи хитови „Waterfront“. Македонската публика реагираше еуфорично и со голем ентузијазам. Понатаму ги изведоа и хитовите „Hypnotyze“, „Let there be love“„Promised you a miracle“„Mandela Day“„She’s a river“ и „Someone Somewhere in Summertime“.
Очекувано, врвот на концертот беше изведбата на „Don’t you (Forget about me)“. Исполнетите трибини се кренаа на нозе и целата сала почна да пее во еден глас. Фронтменот Џим Кер за време на фамозното „Ла Ла Лааааа“ од песната повторуваше: „Ми ја земате работата“ и „Јас треба на на вас да ви платам за ова“ од преголемо задоволство.
Крајот на шоуто го одбележа изведбата на уште еден голем хит „Alive and Kicking“. Публиката ја очекуваше и „Belfast Child“, која за жал на многумина, не беше изведена. Концерт за уживање, без сценски егзибиции и посебни ефекти, едноставно Simple Minds и публиката е впечатокот од овој концерт.
Како пред група на Simple Minds се појавија Мизар, кои заедно на сцената со Сашо Гигов – Гиш ги изведоа нивните најголеми хитови, како што се „Почесна стрелба“ и „Дождот“.
Николај Митрески