Натпреварот од третото коло на турнирот во Хокеј за жени на Зимските олимписки игри во Пекинг помеѓу Канада и Рускиот олимписки комитет (РОК) беше одложен на еден час, по што хокеарките се вратија на мразот носејќи маски поради сигурносни причини.
Во комуникацијата со хокеарските федерации од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) не прецизирале што точно се мисли под „сигурносни причини“, но канадските медиуми информирале дека РОК на Канада им ги немало доставено резултатите од тестовите на КОВИД-19.
Шест членови на репрезентацијата на Русија биле во изолација претходната недела бидејќи биле позитивни на вирусот.
„Денеска дојде до доцнење на почетокот на натпреварот. По разговорот со двете екипи, се сложија натпреварот да почне така што сите хокеарки ќе носат маски“, изјавил портпаролот на МОК.
Пред почетокот на мечот, канадските репрезентативки не се појавиле на мразот во спортскиот центар Вукесонг, додека руските хокеарки започнале да се загреваат. По пауза од еден час двете екипи се вратиле на теренот со маски на лицата. Сепак руските хокеарки ги соблекле маските во последната третина, додека Канаѓанките продолжиле да ја носат нивната заштита.
Натпреварот заврши со резултат 6:1 за Канада.