Холандија ќе ѕирне во македонската културна сцена: Групна изложба „5×10“ на музички фотографски документи во Утрехт

Изложбата „5×10“ која ќе ги обедини делата на македонските фотографи Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхт ќе биде отворена на 21 септември во градот Утрехт, Холандија. Оваа групна изложба, составена од по 10 фотографии од секој фотограф, ќе прикаже повеќе од две децении фотографско творештво, фокусирано врз доловувањето моменти од музички фестивали и концерти во Македонија.

Фотографиите претставуваат уникатен приказ на културната и музичката сцена во земјата, каде што емоциите, енергијата и атмосферата на настапите се доловени преку објективите на овие фотографи. Со цел да се прикаже нивната посветеност и уметнички стилови, изложбата ќе ѝ овозможи на публиката увид во разновидните моменти кои ја одбележале македонската музичка сцена“, истакнуваат организаторите од здружението „Номад-Арт“ од Скопје.

Претходно изложбата беше поставена во рамките на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, и како што велат оттаму, имала одличен прием кај публиката.

Овој настан не само што ја промовира македонската фотографија, туку и нуди можност за интеркултурна размена, покажувајќи ја поврзаноста помеѓу музиката и визуелната уметност пред интернационална публика“, посочуваат од „Номад-Арт“.