Организација од Холандија која се залага за декриминализација на т.н. потпомогнато самоубиство ја тужеше владата за кршење на човековите права, бидејќи не дозволува да им се помогне на луѓето кои сакаат да си го одземат животот да го направат тоа. Тужбата е поднесена до Окружниот суд во Хаг, пренесува Н1.
Тоа е најновата правна битка во долготрајната дебата за правото да се стави крај на сопствениот живот, и тоа во земјата која во 2002 година стана прва во светот што ја легализираше евтаназијата.
Организацијата наречена „Кооперативна последна волја“ побара од судот да утврди дека холандската влада „делува незаконски со тоа што им го ускратува правото на своите граѓани да умрат достоинствено, под нивна контрола“. Водачот на организацијата Јос ван Вејк ја изрази својата желба Холандија уште еднаш да преземе водечка улога во создавањето регулативи кои ги регулираат човечките животи.
„Холандија го отвори патот за законите за правото на абортус, истополови бракови и евтаназија. И сега повторно го отвораме патот за правото да контролираме како ќе го завршиме животот“, рече Ван Вејк.
Евтаназија подразбира постапка во која лекарите под строго пропишани услови го убиваат пациентот со инјектирање супстанца која предизвикува смрт. Кај потпомогнатото самоубиство пак, на пациентот му се дава смртоносна супстанца кој сам си ја зема.
„Кооперативна последна волја“ која наводно има речиси 30.000 членови, сака законот да се промени за да се декриминализира помагањето на луѓето кои сакаат да си ги одземат животите кога ќе одлучат да го сторат тоа, и да се овозможи да се добие смртоносна супстанца за таа цел според строго пропишани услови.
Холандската влада верува дека многу луѓе кои сакаат да си го одземат животот можат да го користат постоечкиот закон за евтаназија.
Додека адвокатите на организацијата сметаат дека Европскиот суд за човекови права дозволува потпомогнато самоубиство, холандската држава е со спротивно мислење. Холандскиот суд ќе донесе одлука на 14 декември.
Според сегашниот закон во Холандија, потпомогнатото самоубиство е забрането, а лицето кое помага во самоубиството може да се казни со затвор до три години.