Над 98 отсто од работниците изгласаа да штрајкуваат, пренесува „Индипендент“.
Холивудските продукции се под ризик откако задсценските работници формираа синдикат и едногласно се одлучија да штрајкуваат.
Според Интернационалната алијанса на театарски сценски работници, над 98 отсто од задсценските работници се одлучиле на штрајк. Синдикатот штрајкува за помало работно време, поголема безбедност и подобрени работни бенефити.
Во соопштение, претседателот на алијансата Метју Лоб изјавил дека членовите на синдикатот јасно и гласно ги побарале своите права.
„Овој глас е за квалитетот на животот, како и на здравјето и безбедноста на оние кои работат во филмската и телевизиската продукција. Овие луѓе имаат основни човекови права за паузи за ручек, како и право на викенд. Оние кои се најмалку платени, тие заслужуваат финансии за пристоен живот“, истакнал тој.
Едногласната одлука за штрајк беше изгласана после многу месеци потрошени на залудни преговори меѓу Интернационалната алијанса на театарски сценски работници и Алијансата на филмските и телевизиски продукции, која ги претставува најголемиот дел од големите телевизиски продукциски компании.
Ова е прв пат Интернационалната алијанса на театарски сценски работници да оди на одобрен штрајк, иако алијансата постои 128 години.
Бидејќи организацијата претставува над 150.000 задсценски работници во САД и Канада, штрајкот на некој начин ќе го затвори „Холивуд“.
„Се надевам дека студијата ќе ги увидат и ќе ги разбераат нашите членови. Сега топката е во нивна рака, ако сакаат да избегнат штрајк, тие треба да се вратат на масата за преговори и да понудат разумни решенија“, додал Лоб.
Договорот помеѓу синдикатот и Алијансата на филмските и телевизиски продукции истече на 31 јули, но беше продолжен до 10 јуни.
Според „ЦНБС“, работниците бараат нов тригодишен договор кој ќе им понуди на задсценските работници повисоки плати, паузи за ручек, здравствено и пензиско осигурување како и поголем процент од профитот на стрим-продукциите, во време кога компаниите како „Нетфликс“ и „Амазон“ забележуваат раст на гледачи.
Голем број од луѓето ја споредија тековната ситуација со штрајкот на холивудските сценаристи кој се случи пред 14 години.