Чадори, заштитни очила, маски и десетици илјади демонстранти се дел од моменталната слика на улиците во Хонг Конг. Тие ги блокираа улиците на градот со цел да се изборат за демократија притоа користејќи ги чадорите за да се заштитат од солзавец и спреј кои ги испушта полицијата.
Протестите започнаа мирно во средата, но завршија со насилство во петокот откако полицијата употреби солзавец за да ги раздели активистите. Тоа предизвика уште повеќе луѓе да се приклучат во најголемите протести во Хонг Конг што се случува во последните децении.
Зошто започна борбата?
Хонг Конг до 1997 година беше британска колонија, потоа Велика Британија го врати на Кина. Досега во Кина владееше принципот – една држава, два системи кој требаше да трае до 2047, иако никогаш не се дефинираше што ќе се случи понатаму.
Граѓаните во Хонг Конг веќе подолго време чувствуваат дека нивниот град се издвојува од Кина, благодарение на граѓанските слободи и одделните правни и финансиски системи кои доаѓаат под принципот „една земја, два системи“.
Како избувнаа несогласувањата?
Се започна со мирни протести на студентите пред седиштето на градските власти, во финансиската област наречена Централ, откако беше објавен контроверзниот план за избори во Пекинг за 2017 година.
Движењето наречено „Окупирај го Централ со љубов и мир“, првично закажа протест за ненасилна „граѓанска непослушност“ за први октомври – национален празник на Република Кина. Но, излегоа на улиците во саботата за да им се придружат на студентите и нивните протести.
Преку викендот, ситуацијата во Хонг Конг стануваше се похаотична. Полицијата излезе на улица со цел да ја врати централната област од рацете на демонстрантите, а акциите на полицијата ги оценија како насилни.
Ансон Чан, поранешен главен секретар на Хонг Конг под британска власт, ја нарече полициската акција против невооружените демонстранти како „тажен ден за Хонг Конг.”
„Слики од нашите полициски сили како пуштаат спреј и солзавец во лицата на невооружените демонстранти ќе ја засрамат нашата влада пред целиот свет”, рече таа.
Владата соопшти дека 26 лица биле однесени во болница откако биле погодени од солзавец, а 148 лица се уапсени во текот на викендот.
Како што ескалираше насилството, полицијата се обиде да ги блокира луѓето да навлезат во областа, со извештаи во кои се вели дека полицијата во Хонг Конг употребила гумени куршуми за да ја придвижи толпата. Полицијата го негираше ова обвинување, велејќи дека тврдењата се „целосно невистинити”.
Тековниот главен извршител на Хонг Конг, Леунг Чун-Јинг повика на смиреност и ги негираше шпекулациите дека кинеската армија планира да интервенира.
„Се надевам дека јавноста ќе остане смирена. Не треба да биде заведена од гласини. Полицијата се стреми да одржи општествен поредок, вклучувајќи го тоа да обезбеди непречено да се одвива сообраќајот и да обезбеди јавната безбедност”, рече тој во изјавата.
Главните патишта беа пренатрупани и јавните транспортни системи беа прекинати, со 200 автобуски линии суспендирани или пренасочени, бидејќи голем број на фрустрирани жители се обиделе да пристигнат на работа. Берзата соопшти дека ќе продолжи да работи нормално и покрај тековните протести, додека банките и продавниците останаа затворени.
Демонстрантите остануваат на улица. Светските медиуми пренесуваат дека тие не се откажуваат и дека владата треба да сфати дека тие ја имаат моќта да ја променат, ако таа продолжи да се однесува кон нив како да се терористи.
Извор: mashable.com