Неколку илјади граѓани денеска протестираа против законските измени со кои за сите хонорари ќе треба да се плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. „Доста нè крадете“, „Ова е само почеток“, „Социјална правда“, „Намалете ги хонорарите за функционерите“, „Рани Влада, да те лае“, се само дел од паролите со кои демонстрантите побараа Владата да се повлече од намерата за плаќање придонеси за хонорарите од 1 јануари 2015 година.
Протестот започна од Жена парк и Собранието, а како што демонстрантите се движеа кон Владата, нивниот број стануваше се поголем. Хонорарците и фрлија ситни пари на Владата, со што упатија симболична порака дека тие се тука доколку таа нема пари за празните фондови за пензиско и здравствено осигурување.
Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници порача дека тие нема да и дозволат на Владата да ги осиромашува луѓето, за потоа парите да ги троши за глупави фасади.
„Ние новинарите повеќето новинари сме хонорарци и не држат на кусо синџирче. Лесно не пуштаат и не прават пропагандисти. Кога сакаат да тепаат, прво устата ја затвораат, па затоа новинарите им се цел, за да не можеме да кажеме кога ќе ве боли“, рече Чаусидис.
Здравко Савески од „Солидарност“ рече дека овие законски измени ќе доведат до големо осиромашување на граѓани кои и така имаат ниски хонорари и се принудени да работат за хонорар а не за плата.
„Дополнително може да значи дека нивните газди ќе ги отпуштат од хонорарен ангажман, со што ќе се зголеми невработеноста. Засегнати сме сите хонорарни работници но она што мора да се каже дека овие законски измени отвораат голема опасност газдите да ја злоупотребат и голем број сегашни вработени и нововработени да бидат префрлени, од редовен работен однос, во хонорарен, со што ќе им се намалат дополнително работничките права“, рече Савески.
Протестот го поддржа и Студентскиот пленум кој порача дека законските измени во услови на големата невработеност и во време кога тешко се доаѓа до работа и хонорар ќе ги докусури студентите кои ќе имаат дополнителни давачки кон државата.
Организациите и синдикатите кои се се дел од протестот побараа да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување. Тие исто така повикаа на засилени инспекции на Инспекторатот за труд со кои ќе бидат отстранети случаите на прикриен работен однос или наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување, како и да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.
К.О.