Повеќе хонорарни работници денеска се собраа пред Министерството за труд и социјална политика, каде упатија стотици прашања преку барања за пристап до информации, револтирани од новите обврски за плаќање на придонеси за хонорарите.
Граѓаните велат дека новите законски измени, со кои на државата мора да и се исплатат 35 % од секој хонорар, освен што имаат бројни нејаснотии, ги ставаат во неповолна положба оние кои се принудени да работат за хонорар, за разлика од луѓето во редовен работен однос.
Тие потсетуваат дека хонорарците немаат право на бенефициите кои следуваат од редовниот работен однос, како на пример платен годишен одмор, денови за боледување или платена прекувремена работа, а од нив се бара да ги имаат истите обврски како и редовно вработените.
Здравко Савески од „Солидарност“ вели дека најпроблематично кај воведувањето на обврски за плаќање на придонеси за хонорарите е тоа што ќе доведат до осиромашување на луѓето кои се вработени за хонорар, наместо за плата.
„Затоа ние протестиравме и ќе протестираме. Сега на оваа акција ние го најавуваме протестот кој ќе се одржи на петок 13-ти, бидејќи многу црно им се пишува на луѓето во Македонија со вакви законски решенија. Оваа акција е поттикната од бирократските процедури кои самата власт ги наметна на хонорарните работници со процедури кои бараат од нив работи кои власта не знае да ги објасни. Затоа поднесуваме барања за информации од јавен карактер за власта да ни објасни“, вели Савески.
Претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис вели дека законските измени за платени придонеси веќе го дадоа својот ефект.
„Хонорарците се отпуштаат, во јануари не им се префрлени пари, слободните професии не знаат како да се справат со софтверите кои пресметуваат и до 50% одземање од нето приходи“, изјави Чаусидис.
Во продолжение прочитајте дел од прашањата кои хонорарците денеска ги доставија до министерството за труд и социјална политика:
- Кога еднократко се исплаќа хонорар за сработена работа за шест месеци, дали за еден или за шест месеци се стекнува право на здравствено осигурување?
- Дали доколку имам хонорарен ангажман од три дена придонесот за здравствено осигурување ќе се однесува само на тие три дена?
- Дали и за вториот фонд ќе се пресметуваат проценти?
- Со која ставка се опфаќаат хонорари кои се заработуваат надвор од државата?
- Колкав прилив на буџетски средства се планира да се обезбеди преку воведувањето плаќање на придонеси за хонорарите?
- Дали се даночи целата сума на хонорарот или има даночно ослободување?
- Дали има ослободување на авторски хонорар за материјални трошоци и како тоа да се евидентира?
- Што МТСП ќе направи да спречи директна дискриминација на луѓето кои работат само врз основа на хонорарен ангажман и заради тоа ги немаат правата на ЗРО?
- Дали можам да потпишам договор за делот со повеќе од 40 саатна работна недела?
- Дали како хонорарен соработник имам права да бидам заштитен според закон за заштита при работа? Ако немам што МТСП ќе направи да ме заштити?
- Во Законот за спречување мобинг нема одредба која ги штити авторите и договорите на дело. Каде да се жалам во таков случај?
- Имам ли право како хонорарен соработник да членувам во синдикат и како моето членство ќе се регистрира со оглед на тоа што немам еден работодавач?
- Дали заради авторски договор од два дена ќе бидам одјавен од Агенцијата за вработување и кога повторно ќе можам да се пријавам?
- Ако ми исплатат патни трошоци на мојата банкарска сметка, дали може да бидам сигурен дека, во случај да не платам придонеси за тоа, нема да бидам казнет?
К.О.