ХОПС – Опции за здрав живот Скопје распиша повик за двајца млади визуелни уметници кои преку резиденцијален престој ќе ја истражуваат темата на животот во природа.
Оттаму информираат дека престојот ќе трае 14 дена, надвор од населени места, односно Вила Преведена 2 во периодот од 1 до 14 септември. Вилата се наоѓа а на 1200 метри надморска височина на планината Огражден помеѓу Берово и Струмица.
„Денешниот живот во услови на пандемија како и глобалните климатски промени се повеќе го поттикнуваат прашањето за нашиот однос кон природата, за здравиот живот и кои се неговите опции. Експертите и истражувањата покажуваат дека престојот и животот во природата е една од опциите. Дали е возможна значајна промена кај македонскиот граѓанин кој би се свртел кон населување на запуштените села или живот во природа надвор од населени места? Дали животот во природа за младиот македонски граѓанин е возможен? Кои се предности а кои се недостатоците на животот во природа надвор од градовите“, се вели во повикот.
Од ХОПС истакнуваат дека избраното место за престој е изолирано во планината и нуди можности за творење и истражување на темата живот во природа, а уметниците ќе имаат можност да се инспирираат од животот на две фамилии кои живеат во близина на локацијата и може да бидат извор на информации на темата.
„Најблиското населено место е беровското село Двориште кое се наоѓа на 7 километри од местото Преведена. Уметниците ќе можат да го посетуваат и да добијат дополнителни идеи и информации потребни за нивното творење. Во текот на резиденцијата учесниците ќе имаат поддршка за нивната работа од координаторот на проектот и локалните мештани. Во текот на последните 2 дена од резиденцијалниот престој ќе се организира видео разговор со младите уметници“, дополнуваат од организацијата.
Истовремено, организаторите посочуваат дека во договор со уметниците во текот на месец ноември ќе бидат организирани две виртуелни на уметниците каде ќе бидат промовирани делата креирани како резултат на нивниот престој во природа.
„Трошоците за сместување се покриени од организаторот. Дополнително уметниците ќе добијат дневници од 6.500 денари за храна. Вилата располага со две посебни соби, кујна и тоалет, кабелска телевизија и интернет“, се посочува во соопштението.
Повикот е отворен за сите визуелни уметници на возраст до 35 години, а кандидатите треба да имаат реализирано најмалку една самостојна изложба или видео проект. Пријавените за време на престојот треба да изработат дело кое ќе биде во една од формите на визуелната уметност, односно фотографија, сликарски техники, инсталација, видео арт или комбинација од понудените.
Со пријавата за учество треба да се достават најмалку три уметнички дела, биографија и мотивационо писмо, а крајниот рок за пријавување е 21 август.
Организаторите нагласуваат дека приоритет ќе имаат уметниците кои досега не користеле финансиски средства од Министерството за култура, а апликацијата за учество треба да се испрати на vlatkod@hops.org.mk.