Дипломатските напори на Македонија да и биде доделен датум за пристапување кон Европската унија треба да бидат поддржани, но постојат опасности од креирање клима на „притисок и страв“ во земјата, изјави на денешната прес конференција известувачот на Европскиот парламент, Ричард Ховит.
Ховит , европратеник и известувач за Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент го даде своето предупредување на крајот од тридневната посета, како и својата прва реакција за затворањето на новинарот Томислав Кежаровски.
Тој истакна дека остварувањето на напредок во парламентарните реформи , напредокот во постигнувањето договор со Бугарија и прифаќањето дека постои потреба да се изгради консензус пред земјата да го усвои планираниот закон за медиуми, би можеле да помогнат во убедувањето на членките на ЕУ да донесат позитивна одлука за Македонија во декември.
За новинарот Кежаровски, Ховит рече дека постои сериозна загриженост во врска со некои елементи во случајот.
„Загрижен сум во овој и други случаи каде има подолга употреба на притворот и за условите на обвинетите во тој притвор, кои мора да се сметаат за невини сè додека не се докаже дека се виновни. Загрижен сум за овој и други случаи каде има прекумерно одложување на обвиненијата и каде се остава впечаток дека одлуките против обвинетите може да бидат одредени од политички, а не судски размислувања“, рече Ховит.
Според него, ефектот од овие случаи може да биде создавање на култура на претпазливост и страв кај новинарите, уредниците и сопствениците на медиуми, а резултатот на сево ова, може да биде ограничување на истражувачкото новинарство и промоција на самоцензура во медиумите.
Тој на крајот од прес конференцијата ги осуди и петте напади врз ЛГБТИ центарот за поддршка во Скопје и ги повика политичарите и другите јавни личности во општеството да му се придрижат во експлицитната осуда на насилството врз ЛГБТИ заедницата.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит денеска ја завршува тридневната посета на земјава, а неговата посета е дел од подготовките за Предлог резолуцијата за Македонија во Европскиот парламент.