Две дипломирани македонистки од Катедрата за македонски јазик, Моника Матовска и Моника Петрушевска се креаторки на блогот „Храмина“, каде објавуваат книжевни критики и интерактивни содржини поврзани со македонскиот јазик, но и книжевноста.
Радио МОФ разговараше со Матовска и Петрушевска за почетоците, литературната критика и нејзината позиција денес.
Сите подеднакво одговорно треба да се однесуваме кон јазикот
Тие откриваат дека во текот на студиите, воделе долги и исцрпни разговори за состојбата на македонскиот јазик и за неговата положба во секоја сфера на нашето живеење. Како македонистки, чувствувале задача да се грижат за јазикот на повисоко рамниште, академско, стручно, научно.
„Не постои граница со којашто се одредува кога апетитите на мајчиниот јазик се задоволени. Тоа значи дека македонскиот јазик бара заложби одново и одново. Сè што досега е направено и сè што допрва ќе се прави за него. „Храмина“ ја калемиме на сето тоа што досега е остварено сè додека не дојде нејзиното време на земање удел во тоа што го очекуваме во иднина“, велат Матовска и Петрушевска.
Создавајќи ја „Храмина“, Матовска и Петрушевска велат дека блогот станува збирно место за луѓе кои уживаат во македонската реч. Според нив, квалитетот е најважен, а веруваат дека чекорат по вистинскиот пат.
Читателите, на „Храмина“ можат да најдат рецензии за книги од македонската и светската литература, а покрај веб-страницата, – „Храмина“ нуди содржини на најкористените социјални мрежи – „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“.
„Доколку се обрне внимание, може да се забележи дека во голем дел имаме тематски содржини коишто најчесто се поврзани со важни датуми. Впрочем, главната цел на „Храмина“ е да ги прикаже сите аспекти на книгата и на читањето во целост. „Храмина“ отвора и обработува теми коишто досега во ваква форма ниту една веб-страница или профил кај нас ѝ ги нема пласирано на јавноста“, објаснуваат креаторките на блогот.
Според двете македонистки, да се напише книжевен осврт значи да се стави делото пред вредносен суд. Тие нагласуваат дека голема е разликата меѓу сцената на литературната критика во последните три децении од минатиот век и денес.
„Ќе се запрашаме на што се должи тоа? Критичката мисла е многу одговорна работа, а вреднувањето книжевни дела, можеби, едно од најсложените поставки на уметноста воопшто. Дополнително, поттик треба да ни биде следново: различни луѓе во иста или различна епоха може да наидат на различни значења на делото што придонесуваат за неговата вредност. Откривањето нова вредност во книжевно дело е отворање нова книжевно-критичка платформа. Сите горенаведени потточки опфаќаат само мал дел од моменталната положба во којашто се наоѓа македонската литературна критика. Но, ништо не е загубено“, забележуваат тие.
Тие истакнуваат дека сите подеднакво одговорно треба да се однесуваат кон јазикот. Истовремено, објаснуваат дека литературната критика е сродна со теоријата на литературата и таа не го препознава гледиштето на “книгата (не) ми се допаѓа.
„Литературната критика е многу повеќе од тоа. Таа е највисокиот чин на восприемање на литературата. Со оваа чиста мисла решивме да пристапиме и да ја создадеме „Храмина“. Зборот има неограничен број димензии, би рекле сè уште непотполно откриени и одгатнати. Предизвик е да го дадеме својот придонес во нивното откривање. И не само во откривањето, туку и во пронаоѓањето и, што е најважно, во утврдувањето“, забележуваат Матовска и Петрушевска.
Скандалите се неизбежен дел од светските настани. Храмина за вас ги издвои моментите коишто одекнаа во јавноста и останаа запаметени како афери што оставија црна дамка врз целокупното културно случување. 💥 pic.twitter.com/VmKocR7MI1
— hraminamk (@hraminamk) December 5, 2021
Тие порачуваат дека почнуваат скромно, но со визија еден ден блогот да го даде својот удел во поддршка и промоција на книжевните умови коишто ги има Македонија. За крај, откриваат дека во новата година би сакале од „Храмина“ да произлезе проект за македонскиот јазик во форма во којашто досега не бил застапен.
View this post on Instagram
И.С.