Граѓанската иницијатива „8 септември“ заедно со Македонската платформа за борба против сиромаштија (МППС) одржаа трибина во центарот за балканска соработка „Лоја“ во Тетово, насловена: „Храна, вода, облека и струја за секое семејство“.
На трибината, претставниците од „8 септември“ ја образложија иницијативата пред тетовчани. Џелал Хоџиќ напомена дека иницијативата ќе достави предлози до институциите на национално и локално ниво, кои опфаќаат измени на постоечкиот закон за социјална заштита и предлог-мерки за зајакнување на социјалната состојба на социјално загрозените семејства. Тој истакна дека и покрај тоа што и со Уставот за гарантираат социјалните права, државата секојдневно им ги скратува на граѓаните овие права, а тоа најмногу се огледува преку континуираното намалување на буџетот од сферата на социјалата.
Претседателот на МППС Мила Царовска истакна дел од причините зошто во Македонија треба да се воведе минимален достоинствен приход. Таа напомена дека овој модел е веќе прифатен во неколку европски земји и има позитивни ефекти. Со воведувањето на оваа мерка, според Царовска, бенефит ќе имаат и граѓаните и државата.
„Во земја каде што сиромаштијата е на високо ниво и граѓаните не можат да ги задоволат егзистенцијалните потреби, минималниот достоинствен приход е неопходен“, рече Царовска, која напомена дека паричната помош што ја добиваат социјално загрозените семејства од државата изнесува во просек 20 денари по член на ден, што е многу далеку од европскиот просек кој изнесува 2 долари.
Настанот во Тетово беше поддржан од ФООМ и Младински образовен форум.
Бобан Костадиновски