„Македонија се наоѓа на многу интересно место – имаме мешавина од континентална, медитеранска и планинска клима и овој микс прави да имаме многу богата природа и голем (био)диверзитет. Но, во последниве 20 години, климата се менува и под влијание на големите суши, пчелите умираат поради недостаток на протеинска храна, а протеинската храна на пчелите се вика полен“, вака ја започнува својата приказна велешанецот Благојче Најдовски, трета генерација пчелар.
Во рамки на овогодинешниот натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи, „Зелени идеи“, Најдовски доби награда за ембрионска победничка идеја – „APICO-PRO SUPERFOOD“, прехранбен производ на база на инсекти.
„Нудиме нов пристап и технологија за производство на Apico-Pro, кој е комбинација од растителни протеини – локално произведена леблебија и високо нутритивен прав од трутовски ларви кој се произведува со лиофилизација“, вели пчеларот.
Најдовски за Радио МОФ вели дека во последните седум до осум години, пчеларите се соочиле со поморот на пчелите, па започнале да бараат алтернативна храна за нив.
„За протеинската храна за пчели во најголемиот дел се употребува соја, а сојата е проблематична затоа што најголемиот дел е ГМО производство. Исто, почнавме за ова да работиме на почетокот на пандемијата и увозот беше голем проблем, па се обидовме да направиме суплементација и јас дојдов до идејата дека најблиску до состав до сојата се леблебијата и нашиот наут“, раскажува тој.
Пчеларот истакна дека направиле експеримент – протеинска погача за пчели, каде сојата ја замениле со леблебија, а додале и други елементи за да стигнат до „врвен наут“.
„Пчелите си поминаа одлично, а имавме многу мали загуби. Кога пчеларите имаа 90 отсто загуба, ние имавме само 5 отсто, и тоа не` поттикна да одиме понатаму. Увидовме дека понатаму може дел од тие протеини да се употребуваат и во човечката исхрана и идејата за ларвите од трутовското легло дојде затоа што тие се високопротеинска материја и трутовото млеко што се добива од трутовите ларви е слично по состав на матичниот млеч, а матичниот млеч е најскапата храна што ја јаде Mакедонецот“, вели тој.
Најдовски тогаш ја открива својата идеја – производ кој што во својот состав ќе има трутово млеко, па истовремено ќе биде и храна и лек.
„За таа намена имавме потреба од начин за производство на трутово млеко, а тоа е лиофилизација. Се обидов да го решам тој проблем бидејќи како иноватор веќе подолго време почнав да добивам награди за машините што ги правам за пчелите, па ни требаше две години за да го развиеме лиофилизаторот“, вели тој.
Што е лиофилизација и како е поврзана со астронаути?
Најдовски го објаснува процесот на лиофилизација како сушење на -40 степени со присуство на вакум, каде што водата испарува без да ја наруши структурата на овошјето или зеленчукот кој испарува. Но, тој додава дека ваквиот процес е скап поради потребната електрична енергија, па неговата машина има капацитет од пет килограми, а процесот трае 40 часа.
„За да извадиш квалитетен производ тој мора да биде скап. Да ја платиш енергијата што ја трошиш за сушењето, мојот производ има екстра додадена вредност кои што ќе ги покрие трошоците кои ќе се направат за време на сушењето и дојдовме до сознание дека ако произведуваме лиофилизирана храна – лиофилизирано трутово млеко или лиофилизирани шумски плодови, потрошувачите се спремни да платат затоа што станува збор за врвна храна“, истакнува Најдовски.
Приказната за лиофилизацијата и нејзината употреба за производство на храна за астронаути не враќа во 60-тите години од минатиот век, кога како што вели пчеларот, американците имале потреба да ги задоволат сите побарувања за човековото живеење во вселенската станица.
„Проблемот со водата го решија многу просто, со рециклирање на урината, меѓутоа кај храната има проблем затоа што согласно со тогашните цени, за секој килограм карго кој требало да се лансира кон вселенската станица потребни биле 10.000 долари за гориво. И дојдоа до заклучок дека ако се извади водата од храната, астронаутите можат да јадат дехидрирана храна, а лиофилизацијата е процес кој фактички нема никакво влијание врз квалитетот на храната“, посочува Најдовски.
Тој забележува дека секоја храна е подложна на лиофилизација – малини, боровинки, капини, месо, сладолед, а храната помината низ процесот може да трае и до 20 години и на топло, бидејќи ниту еден патоген не може да живее во толкаво количество на влага.
„Дневното мени на астронаутите се состои од дехидрирана храна, а дехидрираната малина или капина не го губи волуменот и исто изгледа. Тоа е исто како да јадете пуканки, има текстура што е шупликава, и изгледа исто како малина, ама има извадено 90 отсто од водата, а квалитетот е ист и може да се чува на собна температура. Ова се предностите кои тие ги имаат препознаено и најголемиот дел од исхраната на астронаутите е лиофилизираната храна“, нагласува Најдовски.
Според Најдовски, кога исхраната направена со лиофилизација ќе се спои со медот, се добиваат производи кои што се уште похранливи.
„Сите кондиторски производи се направени од бел шеќер, бело брашно или маргарин и сол, нормално. И доколку човек сака да купи здрава храна мора да оди во продавница за здрава храна зашто кондиторската индустрија е во потрага по профит, но направи квалитетот на храната да биде многу низок. Во мојот случај, производите се пчелни, а од пчелите се прави матичен млеч којшто е најскапата храна што човекот ја јаде, добивате мед кој што со милениуми луѓето го јадат, добивате еден од највредните производи, а во комбинација со леблебија, се добива храна за која не треба многу ресурси и од ништо правите нешто“, вели тој.
Прехранбените навики се променлива категорија
Зборувајќи за внесувањето на инсекти во локалната исхрана, Најдовски посочува дека во земјава до 1980 година не се јаделе печурки, но и тоа се сменило.
„Првиот човек што ги промовираше печурките беше професорот од земјоделскиот факултет Југослав Зибероски кој зборуваше и за буковки и шампињони. Меѓутоа требаше угостител како Фуфо кој за прв пат ги употреби во пиците и денес нема дете што не јаде… Прехранбените навики се променлива категорија затоа што во текот на времето луѓето јадат различни работи“, нагласува тој.
Вели, луѓето којзнае што си мислат кога ќе слушнат инсекти, но посочува дека во короната, се барало матичен млеч „под дрво и под камен“, а млечот, истакнува Најдовски, е од сличен состав, па може да се каже, „сѐ е во главата“.
„Ларвјото трутово млеко е слично по состав на матичниот млеч и се добива храна која што во исто време е и лек. Тоа е процесирано така, што ти не го чувствуваш. Производот е на база на леблебија, леблебијата ја јаделе нашите предци во минатото и тоа е познат вкус, а нема проблем ниту со изгледот на храната зашто тоа е прашкаста храна којашто може да се стави во јогурт, кисело млеко или од неа да се направат плескавици“, забележува пчеларот.
Тој се надоврзува дека доколку луѓето знаат дека нешто е здраво, со текот на времето ќе се навикнат и на вкусот, па ќе почнат да јадат нешто што претходно не би го помислиле.
„И сега овде, кога треба да речеш дека јадеш инсекти, точно е тоа, но што е дефиниција за инсекти? Еве на пример, целата месна индустрија сите евтини производи внатре имаат растителни протеини. Евтиното сирење и салами, најголемите протеини внатре се соја. Прехрамбената индустрија нашла начин како со тие појачувачи на вкусови да им приближи да личат исто и сега салама направена од говедско, свинско или пилешко месо го има истиот вкус зошто содржи појачувач на вкусови“, нагласува Најдовски.
Од ништо се прави нешто
Онаа храна која не е одржлива, која го нарушува биодиверзитетот, ќе има проблем, вели Најдовски осврнувајќи се на растот на светската популација што се очекува за до 2050, но додава тој, со овој метод, се изработува храна од ништо, а се прави врвна и нова храна, која и количински и по квалитет ја немало на пазарот.
„Буквално од ништо добивате производи, шумски производи на кои им додаваме леблебија во мојот случај, а тоа воопшто не влијае на биодиверзитетот, плус може да произведуваат храна луѓе што не се земјоделци“, посочува Најдовски.
Тој се надоврзува дека преку поттикнувањето на пчеларството, ваквиот процес ѝ помага на природата.
„Во Македонија има ендемски растенија, а ако тие не се опрашуваат со пчели, идните генерации ќе изгубат бесценето нешто, зашто флората што ја има Македонија, што се опрашува со пчели, ќе ја нема. Па, користа што ја правиме е повеќеслојна, зошто науката покажува дека една пчела, ако дава 20 килограми мед, просечно, таа дваесет пати повеќе помага со плодови кои се резултат на нејзиното опрашување“, заклучува Најдовски.
Ивана Смилевска