Утревечер со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе настапи македонскиот инструментален состав „Хроматик поинт“ (Chromatic Point). Оваа музичка група свири инструментален етно-прогресив метал.
Членовите на бендот – Душко Ичев на клавијатури, Ален Спасевски на бас-гитара, Христијан Ристески, гитари и Филип Јездиќ на тапани – ветуваат неколкучасовно енергично дружење. Како предгрупа ќе настапи прогресив рок-групата „Јувиги“ (Yuvigi) од Софија.
Бендот е формиран 2010 година и веќе активно работи 8 години. Досега има издадено 3 албуми: „Златен пресек“ во 2012 година, кој е самоиздаден, потоа „Слики од старата куќа“ во 2014 година за „Мајнер рекордс“ (Miner Records) и третиот албум „Изгрев“ од 2016 година, исто така самоиздаден.
„На концертот публиката ќе има можност да слушне и види изведба на виртуозна инструментална музика. Ќе бидат опфатени песни од нашите 3 досегашни студиски албуми, како и изведба на новиот сингл ’Clockwork’, кој ќе биде за првпат отсвирен пред домашната публика. Свириме инструментален етно-прогресив метал, досега немаме песна со вокал и како формација секогаш настапуваме како квартет. Песните и аранжманите ги правиме ние самите, обично некој од членовите на бендот доаѓа со некаква идеја, која подоцна во текот на пробите се разработува и во најголем дел на тој начин ја создавме музиката. Инспирациите и влијанијата ни се најразлични, од метал и рок-бендови сè до џез, блуз…“, велат од бендот.
Досега имаат настапувано на повеќе фестивали низ земјава, а одржале и многубројни самостојни концерти во Скопје и во другите градови низ Македонија.
Во меѓувреме, бендот интензивно работи на создавање музика за нивниот четврти студиски албум.