Хронично загадени со јаглен

На Западен Балкан работат 16 застарени електрани на јаглен кои претставуваат закана за јавното здравје. Облакот од штетните материи не знае за државни граници.

Просечна електрана на јаглен на Западен Балкан емитира 20 пати повеќе сулфур диоксид (SO2) и 16
пати повеќе ПМ честички од европскиот просек. Поточно, во 2016 година, вкупните SO2 и PM 2.5 емисии од 16 електрани на јаглен со потрошувачка од 8,7 гигавати во Западен Балкан загадувале колку 250 постоечки термоелектрани кои имаат потрошувачка од 156 гигавати во ЕУ. Ова го тврдат повеќе европски еко-организации. Тие направиле мерења на штетните емисии од оџаците пред речиси три години, а податоците ги објавија во извештај насловен „Хронично загадување со јаглен“.

Топ 10 загадувачки електрани во Европа според емисиите на ПМ 10 честички во 2016; Извор: Хронично загадување со јаглен

„Секоја година тие се причинителите за 3000 предвремени смртни случаи, 8000 случаи на бронхитис кај децата и други хронични болести, кои ги чинат здравствените системи и економиите вкупно 6,1-11,5 милијарди евра. Најголемиот дел од трошоците во здравството ги плаќа ЕУ со 3,1-5,8 милијарди евра, додека економскиот товар за државите од Западниот Балкан се проценува на 1,9-3,6 милијарди евра“, се наведува во извештајот.

Во македонски услови, најголем загадувач од индустријата е РЕК Битола, која во споредба со останатите електрани на јаглен на европско ниво, се најде на осмото место по количината на емисии што ги испушта.

Топ 10 загадувачки електрани во Европа според емисиите на SO2 во 2016; Извор: Хронично загадување со јаглен

Македонија како потписник на Договорот за основање на Енергетската заедница е должна да го усогласи своето законодавство со директивите на Европската Унија (ЕУ) од областа на заштита на животната средина.

„Во Македонија, на штетните емисии, концентрацијата на штетни честички во однос на здравствените ефекти и на трошоците за лекување предизвикани од штетни емисии и на останатите екстерналии се гледа со недоволен критички аспект и од таа причина, постои огромен недостаток на емпириски податоци. Ваквиот недостиг на податоци, пак, создава огромен предизвик за пресметување на трошоците предизвикани од емисиите на гасови и прашина“, забележува Филип Нелковски кој заедно со невладината „Еко свест“ го анализираа Националниот план за намалување на емисиите на сулфур диоксид (SO2), азотни оксиди (NOx) и прашина од постојните големи согорувачки инсталации во државата.

Според него, потребно е итно да се обезбедат алтернативи, бидејќи Европската Унија јасно вели дека согорувачката инсталација која не е усогласена со нејзините директиви, нема да може да работи повеќе од 20.000 часови (две и пол години) заклучно со 2023 година.

Вреди ли да се инвестира во РЕК Битола?

За две недели се очекува да биде објавен тендер за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола со што ќе се намали испуштањето на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките во воздухот, најави Радмила Шеќеринска, заменик претседател на Владата и министер за одбрана на трибина во Битола.

„Обезбедени се пари. Некаде околу 20 милиони евра инвестиција ќе биде во подобра животна средина. Тоа нема да биде единствена инвестиција. Ние сме во трка со загадувањето зашто знаеме колку голема цена плаќа нашето здрвје за сметка на таквото производство. Очекуваме следната година да стартува руникот Живојно. ЕЛЕМ веќе се подготвува за таканаречената енергетска транзиција. Од целосна зависност од јаглен да се движи кон обновнили извори. Таа транзиција нема да биди лесна, нема да биди преку ноќ, но веќе очекуваме инсталирање на 20 мегавати соларна енергија во рамки на комплексот на РЕК и практично полека, но сигурно да транзитираме од чист јаглен во гас и обновливи извори“, рече Шеќеринска.

ФОТО: Филип Нелковски

Анализата и експертските мислења го потврдуваат фактот дека за РЕК Битола клучно е усогласувањето со оперативниот план. Но, Нелковски забележува дека не постои издржан документ кој го оправдува понатамошното инвестирање во термоелектраните. Тој потсети на директните влијанија што ги предизвикуваат со нивната работа како: зголемена смртност, зголемен број на заболени од канцерогени заболувања, зголемени трошоци за медицинска нега, зголемени трошоци на Фондот за осигурување.

„Во развиените земји ова се врвни приоритети и сведено е на минимум, за разлика од Македонија, каде на ова прашање се уште се гледа еднострано“, споменува тој во својата анализа.

Според него, инвестирањето во модернизација и во опрема за РЕК Битола има ограничен рок на траење со оглед на фактот дека достапноста на јаглен е ограничена. Од друга страна, смета тој, инвестицијата во наменски и плански развој на енергетска ефикасност се исплатува неколкукратно и финансиски и во смисла на општествена придобивка (здраво население, помалку трошоци за енергија и пред сѐ самоодржливост).

 

Модернизација на РЕК Битола Инвестиција (во милиони евра) Придобивки или трошок
Конструкција 1 краткорочна
Десулфуризација 162 надминува трошоци на исплатливост
Филтер 5.5 амортизира со ставка од 15% годишно
Пропратна опрема 15 можност за корупција
Надзор 2 краткорочна
Инвестициски трошоци 30 можност за корупција
Вкупно 215.5

Табела бр. 1: Трошоци за модернизација на РЕК Битола; Извор: Анализа на Националниот план за емисии

„Цената за услогласување со оперативниот план е пресметана. За да се задоволат барањата произлезени од усогласувањето на националното законодавство со соодветните Директиви на ЕУ во целост, потребни се дополнителни 20 милиони евра и ред други трошоци кои ќе произлезат од процесот на јавни набавки. Но, тоа е краткорочна неиздржлива визија, а самиот оперативен план, не е до крај детален во пресметките, ниту пак е целосно еколошки оправдан“, наведува Нелковски.

Алтернативи постојат, но кој да ги разработи?

Битолски активисти изработија проект за соларно-термална електрана чиј принцип на работа е налик на РЕК Битола, но наместо јаглен, извор на топлина е сонцето. Иницијативата „Биста“ неодамна престави понова технологија за која како што велат, е иднината на овој начин на производство на електрична енергија.

Илустрација за соларната централа

Станува збор за соларна централа со капацитет од 40 MW/h која користи технологија на концентрирана соларна енергија.

„Електраната ја претвора сончевата енергија во термална енергија преку загревање на посебна смеса во огромен резервоар и создадената водена пареа ја движи турбината која произведува електрична енергија“, појаснува Драган Велјанов од „Биста“.

„Оваа технологија произведува струја 24 часа во денот (дури и продолжен период од неколку денови кога нема сонце) за разлика од фотоволтаичната која произведува само дури има сонце, а исто така има и многу поголема искористеност на сончевата радијација (околу 60-65%) за разлика од фотоволтаичната која има околу 15%“, објаснува тој, нагласувајќи дека предностите на оваа технологија се повеќекратни.

Засега единствена европска држава која располага со вакви електрани, поточно 32, е Шпанија, вели Велјанов. Само треба да се има слух и да се реализира на дело, нагласува тој.

„Цената за изградба на ваква електрана во светот е околу 1 милион евра за 1 MW/h, а бидејќи во Македонија има поефтини материјали и работна рака тогаш цената за една ваква инвестиција би се движела од 35-40 милиони евра“, вели Велјанов.

За него, проектот е скромен придонес за почиста животна средина, но интерес не покажала претходната, а ни сегашната власт.

„Проектот го развивавме подолг период и беше понуден на претходната владејачка гарнитура која го одби, а исто така и на новата гарнитура веднаш после превземањето на власта, која се уште го нема одбиено, ама пропаднаа неколкуте обиди за средба со луѓето кои треба да одлучат“, појаснува Велјанов.

Нелковски, пак, посочува позитивен пример од Хрватска (Крижевци) каде за помала инвестиција од онаа за РЕК Битола се реализирале проекти за имплементација на мали модуларни мрежи за ладење и греење. Целта на овој тип на проекти е да се намали загадувањето и да се зголеми користењето на енергија од обновливи извори.

Во сличен контекст, го споменува и развојот на биоенергетските села и населби.Станува збор за меѓудржавниот проект „Биовил“, кој има за да развие регионален биоенергетски концепт до степен на инвестиција и тоа во 5 земји, со таргетирани 5 села-населби, кои во пилот фазата би требало да развијат соработка со земји во кои таквиот концепт веќе функционира.

„Целта е да се создаде вредносен ланец од индивидуални објекти кои користат биомаса како основен ресурс за производство на енергија и за греење. Преку ова, се очекува да се подигне свесноста за користење на алтернативни извори на енергија, а цената на чинење изнесува помалку од 2 милиони евра“, посочува Нелковски.

 

Трошоци наспроти придобивки
Активност Цена на чинење ЕУР (пресметка) Придобивки (опш.)
Зголемување на свесноста 1.5 милиони Мали индустриски капацитети стануваат независни од сегашните извори на енергија и користат сопствена
Нови технологии > 20 милиони помалку штетни емисии
Креирање и спроведување политички одлуки < 0.5 mil 2033 намалени емисии и зголемен политички рејтинг
Ограничување на емисии во горни вредности изразена во политички мерки негативно изразена на рејтинг
Пристап до финансии < 3-5 милиони евра зголемена финансиска моќ на компаниите што произведуваат енергија
Инфраструктура (замена) 10 до 12 милиони за постоечката, плус топлински пумпи потребна е детална физибилити и финансиска анализа
Вкупно околу 40 долгорочни

Табела бр. 2: Трошоци наспроти придобивки; Извор: Анализа на Националниот план

Политички неефикасни општества = енергетски неефикасни општества

Функционални институциии и способноста на политичките елити да носат одлуки на долг рок во корист на граѓаните е основата што ги разликува богатите од сиромашните земји. Македонија влегува во сиромашните, бидејќи нема долгорочна визија и стратегија како да почне да искористува иновативни извори на енергија, а со тоа и да придонесе кон намалувањето на штетните емисии во атмосферата и да ги заштити своите граѓани од болести, забележува Нелковски во својата анализа.

„Во Македонија носењето на одлуки на долг рок во корист на граѓаните, а во контекст на енергетска независност и одржливост, е сериозен недостаток. Итно е потребно создавање база на податоци за влијанието од штетноста на емисиите предизвикани од индустриските капацитети кои ќе ги аргументираат одлуките. Од аспект на економска анализа за придобивките за општеството, ниту гасификацијата, ниту усогласувањето на термоелектраните со оперативните планови се процеси кои се исплатливи на долг рок“, смета тој.

„Затворете ги сите постоечки застарени електрани на јаглен што е можно побрзо и не отворајте нови“, гласи апелот на европските организации.

За да се случи ова, смета Нелковски, државата треба да се фокусира на намалување на потребата од користење енергија во домаќинствата, и тоа од традиционалните извори.

Во својата анализа, тој ја поддржува идејата за формирање берза на тргување со енергија произведена од обновливи извори, а предлага и имплементирање стратегија за енергетска ефикасност на среден рок којашто ќе има издржаност и реално ги отсликува потребите на општеството.

„Потребно е да се почне да менува начинот на кој ја користиме енергијата, е дециден Нелковски.

Од друга страна, спроведувањето на мерки за зголемување на користењето енергија од обновливи извори значи и отворање нови работни места. Според истражувањата, годишно само во Скопје ќе се отвораат 690 работни места, посочува Нелковски.

Неодамна, ЕЛЕМ соопшти дека за 7 милиони евра ќе се изгради нова соларна централа кај ТЕЦ Осломеј, со помош на Европската банка за обнова и развој.

Оваа електрана ќе биде 15 гигаватчасовна, доволно за годишна потрошувачка на 2.000 домаќинства, а ќе се простира на 15 хектари површина.

Во нејзиното работење ќе бидат вклучени досегашните 1.000 вработени, кои претходно ќе добијат соодветна обука.

Емилија Петреска