Хрватска, Бугарија и Романија се подготвени за влез во безграничната Шенген зона откако „цврсто докажале“ дека ги задоволуваат сите критериуми, соопшти Европската комисија.
Шенген зоната овозможува слободно патување низ државите без потреба за носење пасош или друг вид дозвола низ граничните контроли. Во моментов во оваа зона се наоѓаат 26 држави со речиси 420 милиони жители.
„Време е да кажеме добредојде. Чекањето беше долго, можам да кажам и предолго. Очекувањата се оправдано големи, и од властите но и од граѓаните“, рече еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон по презентирањето на новиот извештај со кој се дава зелено светло за трите држави.
Јохансон потенцира дека Шенген зоната ја придвижила економијата на ЕУ и ги подигнала стандардите во Унијата откако ваквата безгранична зона беше воведена во 1995 година. Сега, според неа, земјите членки треба да одлучат во заеднички интерес и да ги потврдат кандидатурите за влез на овие три земји без одолговлекување.
Ова прашање ќе биде тема на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во декември, каде е потребно едногласност за да се донесе одлука дали секоја од овие три држави ќе биде примена во Шенген зоната.
За пристапување во зоната потребно е применување на заеднички правила, соодветно менаџирање со надворешните граници на Унијата, споделување безбедносни информации и ефикасна полициска соработка.
Хрватска, Бугарија и Романија веќе подолго време чекаат за прием во оваа безгранична зона. Хрватска го заврши процесот на евалуација во 2020, а доби позитивна препорака за влез во декември 2021 година. Бугарија и Романија, пак, чекаат на прием повеќе од една деценија. Комисијата даде позитивен извештај уште во 2011 година, но голем број земји членки на ЕУ беа против нивниот прием во Шенген зоната.
Во моментов Шведска и Холандија се единствените две држави кои јавно изразуваат сомнежи за приемот на Бугарија и Романија во зоната. Според холандските пратеници, корупцијата и организираниот криминал во двете држави претставува „ризик за безбедноста на Холандија и на целата Шенген зона“, додека во Шведска новата десничарска Влада има проблем да обезбеди доволно гласови во парламентот за поддршка на двете кандидатури.
Доколку овие три држави бидат примени во зоната, само две од 27-те земји членки на ЕУ ќе останат надвор од Шенген – Ирска, која доброволно избра да задржи своја гранична политика со Велика Британија и Кипар кои остануваат поделени помеѓу северот и југот.