Синоќа на сцената на Македонската Опера и Балет љубителите на театарот ја имаа можноста да ја погледнат претставата „Три сестри“ во продукција на хрватскиот театар Гавела.
Иако „Три сестри“ се потпира на истоимениот текст од Чехов, режисерот Слободан Унковски успеал да ги осовремени настаните во животот на трите хероини, Олга, Маша и Ирина. Пресвртот од беспрекорно напишана драма, густо „набиена“ со различни животни филозофии, во модерен „sit com“ (ситуациона комедија), беше неочекуван за публиката. Сепак поголем дел од посетителите уживаа во оваа верзија на Чеховите „Три сестри“, балканизирана и „олеснета“ од драматичните животни филозофии.
Претставата ги следи животите на Олга, Маша и Ирина во три последователни периоди, а нивни главни „сопатници“ се неколкуте офицери чија бригада е стационирана во малото градче. Почнувајќи од сонувачки ориентираната младост за која љубовта и слободата би биле најголем дострел во животот, трите сестри се соочуваат со се повеќе тешкотии и полека „се будат“ од илузијата наречена неограничена надеж за подобро утре. Во целата претстава, Москва и преселувањето таму се „ветената земја“ – сестрите веруваа дека со самото стапнување на московската земја ќе се вљубат, ќе најдат работа, ќе си го уредат животот онака како што секогаш замислувале.. штета што никогаш не смогнаа сили навистина да се преселат таму.
Основната приказна за трите сестри е испреплетена со приказната за нивниот брат и неговата „благородна и нежна“ сопруга, која полека, но сигурно успева да ги истурка сопствените замисли во туѓа куќа. Тука се и постојаното присуство на докторот кој е често попосветен на животите на сестрите, отколку на својот (мајсторски одигран од страна на Филип Шоваговиќ), невозвратената љубов кон Ирина која ја чувствува капетанот Саљониј (одигран од Живко Аночиќ, можеби единствениот кој остана доследен на својата игра во текот на сите 3 часа), посветениот сопруг на Маша и исто толку, можеби и повеќе, „залудениот“ љубовник.
Како што се рушеа нивните соништа, така се рушеше и сценографијата во салата на МОБ, се „придушуваше“ и светлото за од комплетно осветлена „куќа“ во весели бои да премине во опустошен дом и натежнат мрак. На крајот од претставата како да се вративме во првиот чин – трите сестри, повторно седнати заедно, насмеани и „со главите во облаци“ мечтаеја за подобро утре.
Вчера вечер, публиката имаше можност да ја проследи и претставата на словенскиот театар „Ајде сите заедно“.
Јована Ѓорѓиовска