Со тајни операции и употреба на сила хрватските безбедносни сили ги протерувале бегалците од Европската Унија со цел да ги спречат да аплицираат за азил, пренесува „Данас“, според повеќемесечно истражување од повеќе медиуми.
Наводно, истражувачите успеале да снимат единаесет насилни акции на границата меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, што резултирало со протерување на 148 лица, што е во директна спротивност со меѓународното право и правото на ЕУ.
На снимката се гледа како униформирани, маскирани лица нелегално и со физичко насилство во БиХ враќаат група бегалци од Авганистан и Пакистан. За време на овие акции, полицајците најчесто го кријат својот идентитет, со тоа што имаат фантомки и носат униформи без обележја.
Сепак, како што е наведено, врз основа на изгледот на униформите и опремата, може јасно да се заклучи дека тие се припадници на интервентната полиција, која е во надлежност на хрватското Министерство за внатрешни работи.
По прегледот на снимениот материјал, шест надлежни хрватски службеници потврдија дека тие се припадници на интервентна полиција, а неколку полицајци, меѓу кои и еден припадник на интервентната полиција, потврдија дека станува збор за одвраќање мигрантите, односно дека операцијата интерно се нарекува „Коридор“.
Истражувањата, како што наведуваат медиуми, покажуваат дека овие нелегални акции делумно се финансираат и со пари од ЕУ.
Началникот на хрватската погранична управа Зоран Ничено потврди дека вчеравечер полициската управа оформила работна група која ќе „излезе на терен“ по објавувањето на снимките од маскирани лица кои тепаат мигранти и ги тераат во БиХ, пренесува „Ал Џазира Балканс“.