Радио МОФ го праша хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ да направи споредба на состојбата и положбата на младите во Хрватска и во Македонија. Колку тие се вклучени во институциите, како тие се борат да ги остварат своите права?
„Кога студирав филозофија Хегел велеше „Слободата не се подарува, слободата се освојува“, слободата не чини сто куни или сто денари , истото важи и за младите. Тие се дел од заедницата, но не можат да очекуваат некој друг да ги застапува нивните права. Партиципативноста на младите значи да тие сами бидат проактивни или пристојно граѓанско aгресивни односно гласот на младите да се слушне. Проблемите на младите се слични и во Македонија и во Хрватска. Главниот проблем не е во постоењето на младите, факт е дека тие се дел од заедницата ,туку во гласноста и видливоста на самите себе. Никој освен самите млади не може да ги артикулира нивните права, интереси, проблеми и тие мора да се изборат за своето место во политичката средина и да бидат дел од активната јавност.
Граѓанското општество во овие земји во транзиција се покажа како голем проблем за разлика од земјите каде што граѓанското општество е поразвиено, тие држави се полноправни членки на ЕУ. Таму каде што постојат традиционални матрици на раководење, младите се исклучени од општеството. Од нив зависи нивната иднина, тие мора да ја земат судбината во своите раце, не дозволувајте некој друг место вас да одлучува. Две години откако сум во Македонија, гледам голем потенцијал кај младите кој што треба да се искористи, но не чекајте некој друг да се избори за вашите права и да бидете легитимни застапници во власта“, вели хрватскиот амбасадор Златко Крамариќ во изјава за Радио МОФ.
Бобан Костадиновски